Јаневска се виде со Македон: Наша цел е воведување ВИ во секојдневниот живот на учениците и наставниците
Подигнување на свеста на општеството за значењето на знаењето и за значењето на наставниците е целта на последната панел-дискусија во рамките на кампањата „Магијата е во знаењето“ на тема „Училницата на иднината: вештачката интелигенција, знаењето и новата улога на наставникот“. Ова денеска го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска, која рече дека денешната тема е вештачката интелигенција (ВИ) и дека нивна цел како Влада и како МОН е да ја воведат во секојдневниот живот на учениците и наставниците, но исклучително внимателно со користење на етичките принципи затоа што секоја нова технологија носи многу добри страни и ризици.
– Денеска со нас е Македон за да нè потсети на тоа што значи знаењето. Без оглед како се развива технологијата, знаењето е исклучително важно, но најважно од сè и клучната улога ја имаат наставниците, кои ги заслужуваат целата наша почит и нашата доверба и се надевам дека тие ќе си ја извршуваат својата функција и во однос на вештачката интелигенција така како што треба,- рече Јаневска.

Посочи дека треба да се гордееме со децата како што е Македон и со другите деца што постигнуваат навистина видни, забележителни успеси и на олимпијади и на други меѓународни натпревари.
На настанот беше присутен и младиот математички талент Македон Димитровски, кој на Германската математичка олимпијада освои два златни медали и се вброи меѓу најдобрите учесници на натпреварот. Тој изјави дека натпреварот во Германија бил многу интересен и му се допаѓал бидејќи бил првиот натпревар на кој тој имал голема возбуда и трема.
– Имаше најголема конкуренција од досега што имав. На почетокот 110.000 соученици, а на финалето приближно 1.000 и затоа јас многу бев задоволен што учествував. Беше за математика и многу ми се допадна. Добив две медали – едниот за натпреварот „Математички предизвик“ и уште еден медал за прво место лаурет, која е уште повисока награда од злато дадена само на најдобрите во целиот натпревар – рече Македон Димитровски.

Одговарајќи на новинарско прашање како се подготвува, со кого се подготвува и дали има трема за следниот предизвик во Несебар, Бугарија, тој рече дека веќе бил таму и има време за тренинг.

– Јас сум ги тренирал овие задачи бидејќи имам континуитет. Немам трема за овој натпревар бидејќи сум видел како се поставени задачите и имам многу време за подготовка – додаде Македон Димитровски.
Професорот на Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Сашо Коцески, рече дека иако е професор по компјутерски науки, кој работи во областа на роботиката и вештачката интелигенција, смета дека улогата на наставникот е најбитна во нашиот систем и во сите други образовни системи.
– Наставниците се душата и срцето на образовниот систем и во тој контекст најглавната улога ја имаат тие и во пренесувањето на знаењето, пред сè, во мотивацијата на децата и начинот на кој тие го градат својот авторитет и оној начин на кој тие го пренесуваат знаењето би требало да не остави простор кај учениците, дури и да размислуваат дека во иднина би биле потенцијално заменети од некој вештачки бот. Авторитетот на наставникот е клучен и за знаењето и за пренесувањето нешто повеќе од знаење, а тоа е емпатија кај учениците – истакна професорот Коцески.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа колку ние како држава и колку воспитно-образовните установи се подготвени со овој нов чекор на самата технологија или треба да работиме на подобрување на едукацијата и на професорите за да нема лоши резултати и негативни влијанија, тој рече дека такви закани човештвото имало историски многу.

– Ние сме имале неколку таканаречени индустриски револуции. Да, навистина можеби некои работни позиции ќе згаснат и ќе бидат заменети од страна на вештачката интелигенција или машините претходно, меѓутоа клучната поента лежи во образованието. Едукацијата и начинот на кој ние треба да ја употребуваме технологијата би требало да отвори дополнителен број работни места, кои не би требало да влијаат понатаму врз нормалното функционирање на општеството во целина. Едукацијата е основниот пат како да се справиме со секој нов технолошки предизвик или со секоја нова технолошка револуција – додаде професорот Коцески.
Професорот на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, Бранислав Геразов, рече дека во соработка со МОН се реализирала обука на 1.300 наставници од основните и средните училишта во Македонија во последните шест месеци.
– Тоа е одличен почеток за поголема интеграција и примена на оваа најнова технологија, која ја има во светски размери. Наставниците се среќаваат со вештачката интелигенција како закана во образованиот процес поради можностите за нејзина злоупотреба. Ние преку нашата обука сакавме да ги предочиме сите предности што ги нуди, можностите за подобрување на наставниот материјал и процес, интерактивни квизови и игри за учениците… – додаде Геразов.