Измрзнаа сливите во Делчевско
Советот на Општина Делчево на денешната вонредна седница донесе одлука за констатирање на елементарна непогода – голомразица на територијата на општината, поради сериозните штети врз земјоделските површини.
На седницата беше истакнато дека, по барање на земјоделците, процесот на проценка и обештетување мора да се спроведе внимателно, одговорно и без импровизации, со цел реално да се утврдат штетите и да се избегне формален пристап.
Според изнесените податоци, пријавени се штети на околу 1.000 хектари земјоделско земјиште, од кои околу 550 хектари се под сливи. Кај овие насади, како што било посочено, на одредени локации е забележана штета и до 100 проценти.
Дел од советниците нагласија дека земјоделците веќе се соочуваат со дополнителни трошоци поврзани со аплицирањето и документирањето на штетите, поради што од локалната власт побараа како обврска да се обезбеди фер и ефикасна постапка.
Како генерален заклучок беше нагласено дека е потребно обезбедување повисок процент на обештетување, со цел да се даде соодветна поддршка на најпогодените производители.
Од Општината најавија дека ќе продолжат внимателно да го следат процесот и навремено ќе ја информираат јавноста за сите понатамошни активности.
Вонредната седница се одржа по иницијатива на градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски.