Стотици илјади тони опасен отпад влегле во земјава, каде завршиле

Стотици илјади тони опасен отпад влегле во земјава во 2015 и 2016 година, пријавени како суровина за преработка и рециклирање или како гориво за големите индустриски капацитети. Според годишните извештаи на Министерството за животна средина, во овие две години биле увезени дваесетина пати повеќе опасен отпад отколку во претходните пет години. Увозот од 2011 до 2015 година се движел помеѓу 815 и 3.492 тони, без да се прецизира во извештајот конкретно од кој тип е отпадот. Во 2015 година бројките нагло се качуваат на 78.595 тони, а во 2016 година дури на 118.778 тони. Минатата година, повторно увозот на опасни материи е намален на 6.610 тони, приближно на количините пред 2015 година.

Од Министерството не одговорија конкретно кои компании направиле толку голем увоз на опасни материјали и како одеднаш им се зголемиле капацитетите на преработка, па ги зголемиле увезените количини, токму во овие две години. Информираат дека во тој период се увезувале отпадни акумулатори, но не посочуваат во колкави количини и кој е увозникот. Министерството на прашањата на „Независен весник“ на што се должи драстичниот скок на увозот на опасен отпад во 2015 и 2016 година, објаснувањето го наоѓаат во пазарната економија.

„Согласно со Законот за управување со отпад се врши увоз на опасен отпад кој може соодветно да се третира, односно да се рециклира, па согласно со пазарната економија, на одредена компанија ѝ било неопходно да увезе опасен отпад и соодветно да го рециклира и така да оствари профит од тоа, а притоа да не ја загади животната средина“, објаснуваат од Министерството за животна средина.

Велат дека големите разлики во количините може да се последица и на фактот дека сите компании што увезуваат опасен отпад, иако имаат обврска, сепак не им доставуваат извештаи на крајот од годината. Тоа значи дека е можно секоја година во земјава да се увезуваат стотици тони опасни материјали, а за тоа Министерството да не знае и да не постојат писмени извештаи.

Наведуваат и втора можна опција, според која компаниите нестручно ги пополнуваат извештаите, па некои типови отпад кои не се категоризираат како опасен ги наведуваат како таков и како последица на нивното незнаење, одеднаш се појавуваат големи количини во тие две години. Сепак, Министерството се амнестира од одговорност и во двата случаја и посочува дека овие прашања се за Државниот инспекторат за животна средина, за да провери дали сите фирми што увезуваат опасен отпад доставуваат годишни извештаи за него и дали соодветно ги пополнуваат годишните извештаи, но не информираат дали досега се посомневале во бројките, ниту, пак, дали самите побарале инспекторите да направат таква проверка.

„Во 2015 и 2016 година, увезени се акумулатори што соодветно се третираат, односно се рециклираат во Македонија, но најверојатно е прикажан дел и од неопасен отпад, односно метали што деловните субјекти веројатно без соодветно познавање го прикажале како опасен отпад, а кој всушност не е тоа“, велат во Министерството.

Информираат дека во Македонија, увоз на отпад заради депонирање е забранет, а дозволен е исклучиво за преработка. Досега најголем дел отпаѓал на отпадното железо што го увезува Макстил. Се увезувала и отпадна гума, која не е декларирана како опасен отпад, но е под посебен режим и за неа има лиценцирани инсталации кои ја преработуваат за добивање на гориво. Од декларираниот опасен отпад се увезуваат отпадни акумулатори за  преработувачки капацитети во Пробиштип и Самоков. За годинава, информираат од Министерството за животна средина, имаат издадено пет дозволи за увоз на отпадни акумулатори, сите за фабриката во Пробиштип и една дозвола за увоз на отпадни гуми за фабрика во Штип.

Сања Наумовска