Со Маријана Ацески-Томовска за животот на манекенките: По 21 часот, моравме да бидеме во кревет

Во модниот бизнис не е сѐ како што изгледа. Тоа е трговија помешана со уметност. Сѐ се врти околу парите. Нема гламур, слава… Зад светликавата фасада се кријат посветеноста, одрекувањата, упорноста и понекогаш крвава работа. Еве ви ги причините! Зошто е тешко да бидеш манекенка?

Без разлика дали се во Милано, Париз, Њујорк, стануваат во 6 часот наутро. Немаат време како човек да јадат освен во устата да стават два-три залаци корнфлекс со млеко и да сркнат едно „нескафе“. Туширање, протегање со рацете два-три пати и веќе тргнуваат да ги освојуваат намќорестите скаутинг-агенти кои можеби нема ни да ги погледнат. Ама не со автомобил, туку со трамвај или со метро, со мапа на градот во рацете, како изгубен турист ќе трчкаат од кастинг до кастинг, околу десетици дневно, ако имаат среќа.

Од моментот кога ќе се разбудат до моментот кога треба да заспијат мораат постојано да бидат во контакт со луѓе кои едвај ги познаваат и мораат да се однесуваат како да се најдобри пријатели. Во оваа работа зависат од странците и околностите, времето е сѐ, бидејќи и ако работат сѐ што можат и ако ги имаат сите предиспозиции, не им е загарантиран успехот. Сигурен рецепт нема. Мораат да ја задржат насмевката и кога некој кон нив се однесува грозно, но сепак не смеат да допуштат да ги шутираат како топка. Треба да негодуваат на шармантен начин. Мораат да ги поднесуваат луѓето на кои не им е важно дали спиеле минатата ноќ или не. Од младите девојки се очекува во еден ден да ги впијат сите мудрости на животот на возрасните, но тоа не оди баш така. Се дружат најмногу со манекенките или со својот шофер, ама тогаш кога ќе заслужат да имаат на располагање автомобил. Со оглед на тоа дека повеќе од 90 отсто од времето го поминуваат зад сцената, на кастинг или во автомобил.

Се будат со голема носталгија. Си викаат, барем мама да беше до нас. Неретко и ќе заплачат. Пријателствата ги одржуваат со СМС-пораки и имејл. Кога имаат ревија, мора да се појават три часа порано поради шминката, фризурата и пробата.

А која е сатисфакцијата да пробате да бидете манекенка во светските модни агенции доколку ве ангажираат?

Агенциите во првите месеци ги покриваат сите ваши трошоци, од сместување, стајлинг, џепарлак, ако се разболите. Ама сѐ она што ќе го потрошат на вас, ќе ви го одбијат од првите хонорари, доколку ги добиете. Друга сатисфакција е што ќе ги посетите земјите и градовите што инаку сте немале можност да ги видите, што ќе научите странски јазици, што ќе се стекнете со искуство, сами да се грижите за себе. А, ако успеете, ќе заработите пари доволно за да живеете комотно дома.

Маријана Ацески-Томовска, единствената наша манекенка која носела креација на Пако Рабан, со завидно манекенско портфолио во Македонија, Италија и Грција, е една од ретките кај нас која може да проговори за искуството во странските модни агенции. Сега е мажена и мајка на две деца, Андреа ( 7) и Даријан (5), работи во семејната фирма за текстил и е присутна на модни ревии само од хуманитарен карактер. Во текот на кариерата, како членка на „Вега моделс“ ја имаше таа среќа да биде избрана на кастинг што се одржа во Скопје од грчката модна агенција „Дива моделс“ и да престојува во Атина. Нејзиното искуство е исклучително позитивно, вели, само заради фактот што оваа атинска модна агенција е ептен професионална и коректна во однос на манекенките. Вели дека нејзиното искуство во Милано е тотално различно и, всушност, наликува на животот на манекенките во светските метрополи.

– Како манекенки бевме сместени во суперлуксузен апартман во центарот на Атина, со фитнес-сала, спални соби и кујна. На кастинзи, што не е вообичаено, одевме со сопственичката или букерката кои не носеа со автомобил. Бевме облечени по свој вкус, на високи потпетици, со малку шминка на лицето, условот беше нашата гардероба да не биде бела или црна, туку во живи бои. Имавме одлично претставување преку сет-карти кои веднаш ни ги направија по доаѓањето, со букови на компакт-диск, што е многу важно во оваа работа. Неделно добивавме одредена сума на џепарлак, немавме никакви ограничувања, освен што од нас се бараше веќе по 21 часот да бидеме во кревет. Од агенцијата многу внимаваа на нашиот углед, да не дојдеме во допир со машко друштво или да не нѐ фатат папараци. Не нѐ третираа како кукли, туку како личности, вели Маријана.

 Лејла Сабит  Фото: Приватна архива