Смртта на Тамара се решава со кавги во судница

Четири години по смртта на Тамара, која почина чекајќи институциите да ѝ одобрат лекување во странство, нејзината мајка Жаклина Димовска се соочи со членовите на двете комисии, кои беа најодговорни за негативниот одговор. Рочиштето на кое сведочеше мајката се претвори во театар и надвикување во судницата. Атмосферата беше напната уште од самиот почеток бидејќи се чувствуваше гневот на мајката кон обвинетите, но и ставот на обвинетите дека неправедно седат на обвинителна клупа. Мајката раскажуваше пред судот низ што сè поминала во обид да го излечи своето дете, а адвокатите на обвинетите во вкрстено испрашување се обидуваа да наметнат теза дека мајката не ја носела редовно на контроли и дека дури и во својот исказ во обвинителството го згрешила датумот на смртта на својата ќерка. Ситуацијата кулминираше кога адвокатот Сашо Дуковски, кој ја брани поранешната директорка на Детската клиника, Аспазија Софијанова, ѝ постави прашање на мајката за датумот на смртта на Тамара.

„Јас не одговарам на прашањата на адвокатот Дуковски, тој е истиот адвокат кој требаше да седи на оваа страна“, рече Димовска. Дуковски како член на Собранието на „Хелсиншкиот комитет“, организација која поднесе кривична пријава по која беше покренато обвинение, требало да ја брани мајката на Тамара, но сега таа има други полномошници , а тој е одбрана на Софијанова. Адвокатите бурно реагираа на приговорите на обвинителката при нивното вкрстено испрашување и се жалеа дека судот ги прифаќа приговорите на обвинителката, а токму таа го злоупотребува правото на приговор и го потсетува сведокот што треба да одговори. Судијата неколкупати се обиде да воспостави ред во судницата, а додека адвокатите се договараа дали ќе продолжат со вкрстено или директно испрашување, судењето беше прекинато бидејќи мајката веќе не можеше да одговара на прашањата. Пораката на мајката беше: „И 100 години да ги осудите, и цела држава да ми ја дадете, нема да ми го вратите детето“.

Според сведочењето на Димовска, на Тамара ѝ била дијагностицирана сколиоза кога имала една година и ѝ било сугерирано да се оперира на Клиниката за трауматологија. Ѝ била направена една операција на која ѝ била вградена метална шипка во грбот со препорака да ѝ се вгради уште една шипка, но од другата страна. Но лекарот што ја оперирал заминал во пензија и тоа не се остварило.

„Тогаш почна нашата борба да ѝ ја извадиме шипката и да ставиме нова. Сите доктори ни сугерираа дека тука не постои клиника која ќе ја изврши оваа операција. По долги напрегања, во клиниката ‘Филип Втори’ на Тамара ѝ беше извадена шипката. Оваа шипка ја носеше долги години и таа направи голема штета за нејзиниот организам“, раскажуваше мајката. Лекарот Владимир Ковач, кој ја извадил шипката, го донел девојчето на раце и на мајката ѝ рекол „Има големи оштетувања во градниот кош на белите дробови, дишните патишта и функционирањето на целиот детски организам. Ова дете во најкус можен рок треба да се оперира бидејќи може да се случи трагедија“, рече Димовска.

Тогаш почнала нивната нова борба и тропање на врати по институциите, барање конзилијарни мислења и чекање одобрение од Фондот за здравство за решение да се лекува во странство. Со првото конзилијарно мислење на девојчето му било одобрена операција во странство. Но од Фондот им стигнало решение дека не се исцрпени сите можности и девојчето треба да се лекува во новиот спинален центар кој требало да биде отворен во Македонија. Потоа, следувале жалби и барања за прием кај тогашниот министер за здравство Никола Тодоров, а во меѓувреме искривувањето на ‘рбетот се зголемило од 45 на 90 степени.

„Го бркав на секој настан, но немаше време да ме сослуша ни на улица“, рече мајката. На јавен настан таа успеала да ѝ го раскаже случајот на тогашната директорка од Фондот за здравствено осигурување Маја Парнаџиева-Змејковска, која ѝ кажала дека во Македонија ќе дојде лекар од Турција кој ќе ја прегледа Тамара. Првата реакција на лекарот била: „Господе, ова не е човечко тело, како ова дете живее, што сте чекале“. Од прегледот не добила никаков извештај. Од Фондот ѝ порачувале да биде трпелива, дека се работи на тоа да добие решение. И додека девојчето чекаше да добие одобрение за лекување во странство, почина од компликации на белите дробови. Решението со кое ѝ се одобрува лекување стигна неколку дена по нејзината смрт. За овој случај се води судски процес против 12 лица, но не и против тогашниот министер за здравство Никола Тодоров.

Обвинение е поднесено против Маја Парнаџиева-Змејкова и Џемаили Мехази, како директори на Фондот за здравствено осигурување, Владимир Поповски, Александар Чапароски, Лилјана Тозија, Наталија Долненец-Банева и Никола Граматиковски, како членови на првостепената комисија која го донела првостепеното решение со кое се одбива лекувањето во странство на малата Тамара и против Александар Стојановиќ, Шабан Мемети, Ристе Симеонов, Елена Трпковска и Аспазија Софијанова, како членови на второстепената комисија кои го потврдиле првостепеното решение.

Обвинителството констатирало дека и првостепената и второстепената комисија, како основа за нивната одлука да не го пратат девојчето да се лекува во странство, ја зеле предвид изјавата на тогашниот министер дека пациентите со деформитет на ‘рбетот нема да одат во странство поради можноста за извршување на ваквите операции на Клиниката за ортопедски болести во Скопје, иако во тој момент сè уште не постоеле услови во Македонија за извршување вакви операции. Семејството на девојчето сега живее во Словенија, а нејзиниот дедо беше осуден бидејќи пукаше кон Тодоров. Првото рочиште за судењето беше закажано во јуни, но и по осум месеци судењето сè уште е на самиот почеток.
Фросина Факова – Серафиновиќ