Скопје конечно ќе добие трамвај

Идната година ќе започне да се реализира долгоочекуваниот проект за воведување на трамвајски превоз во Скопје. Капиталната инвестиција ја најави премиерот Зоран Заев, како заеднички проект со Градот Скопје. Градоначалникот Петре Шилегов потврдува дека од почетокот на годинава, во соработка со збратимениот град Загреб се работи на техничките подготовки на проектот за првата линија од Ново Лисиче до Ѓорче Петров.

Според Шилегов, документација е подготвена, а идната година се очекува да почнат постапките за избор на изведувач на трамвајот. Се проценува дека изградбата на првата линија би чинела од 130 до 150 милиони евра.

„Од почетокот на годината собиравме искуствата од Загреб, Виена и Париз, бидејќи сметаме дека е неопходно конечно Скопје да добие трамвај. Студијата, која што беше изработена во времето на градоначалникот Трифун Костовски не е целосна, па така во изминатиот период работевме на подготовка на техничка документација со ескперти од Загрепскиот ЗЕТ“, рече Шилегов.

Информира дека за потегот од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, заедно со депото е подготвена сообраќајна студија со техничко решение за изградба, а идната година ќе се работи проектот и ќе се бара изведувачот.

С.Наумовска