Се прегледуваат снимките за 27 април во Кривичен суд

Со прегледување видео снимки од безбедносни камери денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжува судењето за случувањата на 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија.

Во судница се присутни сите 33 обвинети. Судскиот процес го води судијката Добрила Кацарска, а застапници на обвинението се Вилма Русковска и Ивана Трајчевска.

На рочиштето прво беше пуштена снимка од камера 10 во Собранието, што ги покажува случувањата во малиот ходник кој води од холот Длаборез до Сала 3, односно собранискиот прес центар. Снимката почнува од 18.45 часот, во 18.52 се гледа првата група луѓе, меѓу кои обвинетите Никола Митревски, Стефан Младеновски, Младе Додевски, Дејан Давидовски, кој е во бегство, и Митре Митроповски.

Во ходникот се гледа раздвиженост на луѓе, меѓу кои и неколку лица со фантомки на главата. Обвинителката посочи неколку од обвинетите.

Постојано се гледа движење на луѓе низ ходникот. Во 19.38 на снимката во ходникот се гледа и службено лице од МВР, припадник на ЕБР.

Обвинителката Трајчевска посочи дека, од овој момент до 22 часот, обвинителството нема забележано моменти за овој случај. Судијката Кацарска, со оглед дека на снимката понатаму ги нема обвинетите, ја праша одбраната дали да се гледа целосно снимката, на што одбраната побара снимката да биде целосно прегледана.