Се множат националните координатори во Владата


Додека вчера новиот министер за култура Асаф Адеми се вселуваше во својот кабинет, за неговиот претходник Роберт Алаѓозовски, кој единствен „настрада“ од „проветрувањето“ на владиниот кабинет, беше соопштено дека е именуван на нова функција. Алаѓозовски се сели неколку стотина метри подалеку од Министерството за култура, поточно во владината зграда, каде што сега ќе работи како национален координатор за развој на културата и меѓуресорската соработка. Со тоа довчерашниот министер стана петтиот национален координатор на списокот на Владата, која во изминатите месеци назначуваше еден по еден носител на вакви функции за различни области.
Ако се суди според владината одлука од 29 мај годинава, која е објавена во „Службен весник“, а со која се дополнува Одлуката за утврдување коефициенти на плати на функционери именувани од Владата, станува збор за нова позиција во систематизацијата. Имено, во оваа одлука стои дека се додава нова алинеја која гласи: „национален координатор за развој на културата и меѓуресорската соработка – 3,3“.
Бројката 3,3, всушност, го означува коефициентот на плата на Алаѓозовски. Според паушална пресметка врз основа на просечната плата во 2017 година, тоа значи дека неговите примања како координатор ќе бидат околу 76 илјади денари, што е за околу 10 илјади помалку од министерската плата.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вели дека позицијата што ја доби Алаѓозовски не е нова во систематизацијата на Владата. Има, вели тој, повеќе национални координатори за различни области од работењето на Владата. Бошњаковски вели дека Алаѓозовски бил именуван за координатор на последната владина седница, што би значело минатиот вторник, односно три дена пред изборот на новите министри во парламентот.

Во изминатите години функцијата национален координатор не беше позната за пошироката јавност, барем не за тематиките за кои сега се поставуваат носителите на овие позиции. Единствено, се памети дека едно време беше замрзната позицијата национален координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО, која од 2005 година влезе во систематизацијата на Владата. Таа функција едно време ја извршуваше Шпреса Јусуфи од МНР, па актуелниот шеф на дипломатијата Никола Димитров, за потоа со години ова место да биде празно. Во ноември минатата година, оваа влада ја пополни повторно функцијата координатор за НАТО. На тоа место беше назначен Стево Пендаровски, претседателскиот кандидат на СДСМ во 2014 година, кој се откажа од пратеничката функција за да биде координатор за НАТО, во период кога се очекува Македонија да добие покана за влез во Алијансата.
Сепак, разликата меѓу координаторското место за НАТО и за култура е во тоа што првото навлегува во повеќе владини ресори (одбрана, внатрешни и надворешни работи), додека за Алаѓозовски е тешко да се предвиди која меѓуресорска соработка ќе ја координира во доменот на културата, каде што е веќе назначен нов министер.
Еден месец по назначувањето на Пендаровски за национален координатор за НАТО, ваква функција, ама за имплементација на национална платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, доби Павле Трајанов, претседател на вонпарламентарната партија – Демократски сојуз, поранешен пратеник и министер за внатрешни работи.

sobranie pratenicki prasanja,pavle trajanov so skrsteni race vo sobranie

Во август минатата година, пак, Владата ги назначила првите двајца национални координатори. Тогаш, професорот Владимир Пивоваров е именуван за координатор за гранично управување. Борче Петревски, пак, станува координатор за спречување насилен екстремизам и за борба против тероризам. Поточно, станува збор за слична област за која беше именуван и советник на премиерот – Џезаир Шаќири – Хоџа, кој се повлече од функцијата по бурата реакции во јавноста. Во тој контекст, може да се спомне и случајот со именувањето на претседателот на вонпарламентарната Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, за советник за привлекување странски инвестиции, и покрај тоа што во владиниот кабинет има неколку министри без ресор што ја третираат оваа област.
Покрај петтемина досега назначени национални координатори за различни области, Владата именувала и тројца заменик-координатори: Бајрам Берат за гранично управување, Џеладин Ајвази за спречување насилен екстремизам и Златко Апостолски за борба против тероризам. Од ова произлегува дека Петревски, како национален координатор за спречување насилен екстремизам и за борба против тероризам има двајца заменици за двете области што ги покрива. Од владината одлука од 29 мај со која е предвидена функцијата национален координатор за развој на културата може да се заклучи дека за заменик-националните координатори е предвидена плата со коефициент три, што би значело околу 70 илјади денари.

Александра М. Митевска