Сенатот на УКИМ не сакаше да расправа за разрешување на внатрешната ревизорка, работата му ја препушти на судот

Сенатот на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ денеска одлучи дека е беспредметно да расправа по приговорот поднесен од внатрешниот ревизор Лилјана Попчева за отказ од работа, бидејќи таа веќе поднела тужба пред Основниот суд Скопје 1. Одлуката беше донесена со 44 гласа „за“, шест „воздржани“ и три „против“.

Дел од сенаторите посочија дека е илузорно и беспредметно Сенатот да расправа за приговорот на ревизорката кога таа веќе поднела тужба пред Основниот суд, а бил поминат и рокот од осум дена во кои Сенатот требало да расправа за нејзиниот приговор.

– Немој да не ставате во ситуација да гласаме за таков приговор кога е поведена судска постапка. Немаме ние потреба да се ставаме на страната на едниот или другиот. Не знам зошто се избрзало со тужбата. Судската заштита секогаш постои како можност. Сега ние да гласаме за нешто постфестум и потоа тоа да го доставуваме во суд, мислам дека е крајно непотребно, рече сенаторката Гордана Бужаровска.

Други сенатори пак реагираа дека е направен преседан на Универзитетот и оти е избркана од работа ревизорка која претходно била оценета како стручна од страна на раководството на Универзитетот.

– Вака не може да се носат одлуки. Ова што се случи, не можам да го објаснам. Тенденциозно и злонамерно. Направивме преседан и злодело. Да избркате на 55 години стручен ревизор кој помогнал и на Медицинскиот факултет и сум слушал како и ректорот ја фали, а проректорката беше воодушевена од нејзината стручност, а ние ја прогласивме за нестручна, посочи проректорот Вуица Живковиќ.

Според сенаторката Маја Стефановиќ, Сенатот пропуштил шанса да донесе одлука по приговор што можел да го донесе и со кој автоматски би се прекинела тужбата пред надлежниот суд.

– Не го направивме тоа. Јасно е зошто го предложивте тоа, ректоре. Јасно е дека на овој Сенат и на нашите колеги им одговара да не бидат одговорни за нештата за кои имаат моќ. Пропуштивме да ја одбраниме колешката. Она е избркана од работа, истакна сенаторката Стефановиќ.

За сенаторите кои застанаа во одбрана на ревизорката, спорно е и тоа што се доведува во прашање нејзиното членство во комисии за кои, како што посочија, таа била избрана од страна на органите и телата на Универзитетот.

Во однос на тоа дека е поминат рокот од осум дена во кои Сенатот требало да го разгледа приговорот на ревизорката, ректорот Никола Јанкуловски рече дека бил на службено патување, на што дел од сенаторите реагираа оценувајќи дека имал можност да овласти некој од проректорите да ја испочитува постапката на одговор.

Ревизорката Попчева посочи дека во претходниот период била изложена на мобинг од страна на ректорот Јанкуловски и проректорката Билјана Ангеловска и оти има поднесено и тужба за вознемирување на работното место. Нејзиниот извештај за трошењето на средства на Факултетот нза музичка уметност бил оценет како нестручен и необјективен поради што ректорот Јанкуловски побарал ревизија од независна ревизорка куќа.