Сексуална ориентација и родов идентитет се воведуваат како основи за дискриминација

Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација ќе обезбеди принцип на еднаквост во заштитата од дискриминација и во остварување на човековите права и слободи, рече Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, на денешната прес конференција на која ги презентираше новините во законот. 

-Одиме напред, без страв и без предрасуди. Родовиот идентитет и сексуалната ориентација за првпат се воведуваат како основи за дискриминација. Новиот закон предвидува јасни критериуми за избор на членови на Комисијата за заштита од дискриминација, која ќе се професионализира. Исто така се ослободуваат од судски трошоци лицата кои ќе поведат судска постапка за заштита од дискриминација – рече Царовска. 

Се вметнуваат нови термини, меѓу кои „лице со попреченост“, „соодветно приспособување“ и „пристапност до инфраструктурата, добрата и услугите“. Понатаму, се додава нов облик на дискриминација – сегрегацијата, како и „инструкцијата” за дискриминација. Во однос на судската заштита, се воведува „Тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес” и се укинува потребната писмена согласност од странките во вакви случаи, доколку се работи за група. Со ова дополнување, здруженија, фондации, или други организации од граѓанското општество, како и неформални групи кои можат да поднесат тужба, ако со постапувањето на тужениот се дискриминирани поголем број лица. Се ослободуваат од судски трошоци лицата коишто ќе поведат судска постапка за заштита од дискриминација и се зголемува износот на прекршочните одредби за правни и физички лица за кои ќе се докаже дека сториле дискриминација.

Законот ја помина владината процедура и останува да се изгласа во Собранието пред да стапи на сила.