Секој може да има дијабетес, а да не знае

Подмолна болест, не покажува знаци, а кога симптомите ќе станат видливи, значи дека веќе е во поодмината фаза – затоа дијабетесот, наречен уште и „тивок убиец“, е најчеста хронична болест во светот, глобална епидемија. Може да заболи секој, во која било возрасна доба.

Болеста често останува непрепознаена до моментот кога ќе се појават првите компликации. Растечки тренд има не само кај возрасните, туку и кај децата – само минатата недела четири деца на возраст до 14 години од градови во внатрешноста беа испратени на Клиниката за детски болести во Скопје – едно од нив со животозагрозувачки компликации.

Што е дијабетес?

Дијабетесот претставува хронично метаболичко нарушување на јаглехидратите, мастите и белковините каде што основна карактеристика е хипергликемија, односно покачено ниво на шеќер во крвта. Болеста се јавува кога бета-клетките на панкреасот не произведуваaт доволно инсулин или кога мускулните, масните и црнодробните клетки не реагираат на произведениот инсулин. Со текот на времето, покаченото ниво на шеќер во крвта го зголемува ризикот од појава на срцеви заболувања, бубрежна слабост, губење на видот, гангрена на нозете, оштетување на нервите и другите органи.

Постојат повеќе типа дијабетес. Најчести се тип 1 (се јавува кај луѓето под 40-годишна возраст), тип 2 (околу 90 отсто од сите заболени, се јавува кај возрасните и луѓе со прекумерна телесна тежина), гестациски дијабетес (се јавува во бременоста) и други специфични типови.

Симптоми

Најчести знаци дека имате дијабетес се зачестено мокрење (особено навечер), чувство на силна жед, зголемен апетит, губење на телесна тежина, изнемоштеност, трнење во прстите на рацете и стапалата, заматен вид, чести инфекции (особено во гениталиите), бавно заздравување на раните, болки во стомакот и повраќање. Голем број заболени (најчесто тип 2 дијабетес) воопшто немаат симптоми и знаци на болеста. Таа се открива кога веќе се јавила некоја компликација, како на пример срцев или мозочен инфаркт.

Зголемен ризик

Зголемениот ризик од дијабетес е поврзан со возраста (колку повозрасен, толку поголем ризик), семејното наследство на болеста и стилот на живот. Голем ризик-фактор за појава на тип 2 се дебелината, физичката неактивност, хроничниот ментален стрес, пушењето цигари и некои лекови. Зголемен ризик за појава на тип 2 дијабетес постои и кај жените што имале гестациски дијабетес, жени што родиле плод потежок од 4000 грама и кај жени што имаат полицистични јајчници.

Превенција

Засега не се познати превентивни мерки за дијабетес тип 1. Превенцијата за тип 2 дијабетес се состои од внимавање на исхраната, на тежината, да се јаде повеќе зеленчук, овошје и риба, а помалку тестенини, масти и брза храна. Физичката активност треба да биде рутинска работа. На пример, брзото одење 30 минути секој ден го намалува ризикот да заболите од дијабетес тип 2 за 40 отсто. Редовнaта физичка активност го подобрува искористувањето на инсулинот од страна на организмот и помага во намалувањето на нивото на шеќер во крвта. Вежбањето, исто така, ги намалува мастите, крвниот притисок и штити од срцеви заболувања. Откажете се од цигарите и обидете се ноќното спиење да биде од 6 часа до 9 часа.

Се откриваат по најмалку 10 нови случаи на деца годишно

Кога станува збор за децата, новодијагностицирани случаи на 100 илјади пациенти во западните земји е околу 35. Кај нас таа бројка се движи по околу 10 деца годишно кај кои за првпат се открива дијабетес. Најпогодени се децата кога се на возраст од 5 до 7 години и потоа во пубертет.  Ако навреме не се препознаат симптомите, децата запаѓаат во кетоацидоза – шокова состојба каде што се на граница на кома и кога е многу потешко да се лекуваат и да се излекуваат. И родителите и матичните лекари треба да внимаваат ако децата се пожалат дека често мократ, слабеат, иако јадат и пијат многу течности. Тогаш задолжително мора да се испита нивото на шеќер во крвта.

Половина од болните се без дијагноза

Според статистичките податоци, во светот има околу 382 милиони лица заболени од дијабетес. Од нив, околу 46 отсто се недијагностицирани и не ни знаат дека ја имаат болеста. Се проценува дека до 2035 година бројот на заболени ќе се удвои во светски рамки. Годишно од болеста и нејзините компликации умираат околу 1,5 милиони луѓе. Во Македонија, бројот на заболени е околу 5-6 отсто од вкупната популација.

Инсулинот – единствена терапија

Единствена терапија за заболените од дијабетес е инсулинот, бидејќи организмот не е во состојба да го произведува. Со оглед на тоа дека има и млади пациенти, деца и тинејџери во чувствителна возраст, многу е важна поддршката од семејството и од средината, како и соработката со лекарот. Тој може со постојана лекарска контрола да го намали ризикот од компликации кои најчесто се појавуваат на очите, бубрезите и периферните крвни садови.