Сега виси и цензусот за претседател


Повеќе од 720.000 граѓани треба да излезат на гласање на претседателските избори напролет за новиот „татко на нацијата“ да добие легитимитет. Цензусот за успешни избори, кој во споредба со референдумскиот е помал за десет проценти (40 наспроти 50 отсто), во моментов изгледа како мисловна именка за разочараното гласачко тело. Спектакуларното бегство на експремиерот Никола Груевски ја разниша довербата во власта, но и во функционалноста на системот, во политичките партии, во опозицијата и воопшто во вербата во подобро утре и општество за сите.

Во СДСМ и во ВМРО уверени во победа

Во двете најголеми партии во земјава сè уште траат внатрешните проценки и сондажи околу изборот на кандидатот што треба да го наследи Ѓорѓе Иванов, кој по два мандати заминува од функцијата. И во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ се свесни дека резултатите од изборите, кои би требало да се одржат во април, ќе бидат показател и на расположението кај граѓаните кога е во прашање рејтингот на политичките партии, односно се мерило и на политиките што ги водат нивните раководства.

Во моментов сме фокусирани на започатниот процес околу уставните измени и ратификување на договорот со Грција, но секако дека сме подготвени за избори. Согласно анкетите што ги вршиме, СДСМ ќе биде убедлив победник, односно нашиот кандидат ќе биде нов претседател на изборите“, велат од СДСМ.

Оттаму посочуваат оти сè уште е рано да излезат со имиња, но оти како кандидати горе-долу фигурираат оние што се вртат во јавноста. Медиумите типуваат на Стево Пендаровски, Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Рената Тренеска-Десковска, Денко Малески, а не се исклучува ниту можност од ротација на премиерот Зоран Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во саботата од Гостивар самоуверено најави дека неговата партија ќе победи на следните избори, какви и да се. Според него, луѓето од власта тргуваат со најсветата работа во една држава: Уставот само за да ги спасат и времено да ги продолжат своите политички кариери.

Не се свесни дека многу скоро ќе им дојде крајот, но и казната за сè, за сето она понижување, пљачкосување и навредување што ѝ го направија на својата татковина. Но, не пред Кацарска, туку пред вистинско европско судство со примена на европските закони. Ние сме сè порешителни и поподготвени да ги поразиме на следните парламентарни избори без разлика дали тие ќе бидат редовни или вонредни. Уште оваа пролет на претседателските избори ќе излеземе со кандидат со кој жестоко ќе го поразиме кандидатот на СДСМ“, порача Мицкоски.

Најголемата опозициска партија веќе формираше републички изборен штаб, кој го предводи генералниот секретар Игор Јанушев. Во јавноста како кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ најмногу се споменува професорот Трајко Славевски, но, според нашите информации, во партијата размислуваат за нови имиња. Ексминистерката Ганка Самоиловска-Цветанова, која „воскресна“ изминатиов период, наводно, не била заинтересирана за претседателската функција.

ДУИ инсистира на консензуален кандидат

Во албанскиот блок, пак, ДУИ и на овие избори планира да бара консензуален кандидат кој би го договорил со својот коалициски партнер во владата – во случајот СДСМ. Иако во 2014 година апстинираа поради „корпата“ што ја добија од ВМРО-ДПМНЕ, овој пат постои можност за договор со социјалдемократите. Од партијата на Али Ахмети објаснуваат дека тоа не значи оти консензуалниот кандидат треба да биде Албанец, туку идејата била да биде кандидат кој би бил прифатлив за сите граѓани и за сите партии што би застанале зад него. На „Бихаќска“ одговараат дека кога ДУИ официјално ќе излезе со таков предлог до СДСМ, партијата ќе го разгледа и ќе донесе одлука.

Но, и во случај на заеднички кандидат помеѓу владините партнери, и тоа како е неизвесен цензусот потребен за изборите да бидат успешни, особено доколку опозицијата, од кои било причини, одлучи да бојкотира во вториот круг.

Аналитичарот Петар Арсовски потенцира дека во ваква политичка поставеност на фигурите и тоталната разочараност што владее кај граѓаните, постигнувањето цензус на претседателските избори е невозможна мисија.

Во првиот круг, кога ќе има повеќе кандидати и кога повеќето партии ќе земат активно учество, можеме да зборуваме за цензус, но што правиме во вториот? Што доколку опозицијата не излезе да гласа?“, прашува Арсовски.

Тој вели дека претседателскиот систем во земјава е со фалинки бидејќи претседателот се избира со огромен број гласови, а во реалноста има многу мали ингеренции.

Партиите да се договорат

Од тие причини, партиите треба да седнат и да се договорат дали на претседателот треба да му останат истите ингеренции и во тој случај да го избира парламентот или и натаму да го избираат граѓаните, но да му се зголемат ингеренциите. За жал, партиите во моментов не сакаат да се видат со очи, а не да преговараат и да се договараат“, заклучува Арсовски.

Според Избирачкиот список што важеше за неодамнешниот референдум за договорот со Грција околу името, во земјава има 1,8 милион регистрирани гласачи. За разлика од 30 септември, кога требаше да има излезеност од над 900.000 граѓани, цензусот за претседателски избори изнесува 40 проценти, што значи дека напролет ќе се бараат околу 720.000 ливчиња. Потребната излезеност беше намалена во ноември 2008 година, кога тогашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и министерот Михајло Маневски, а поддржани од СДСМ, ДУИ и ДПА побараа и изгласаа скратување на цензусот образложувајќи оти измените ќе придонесат за намалување на нерегуларностите и инцидентите во вториот круг.

На претседателските избори одржани на 13 и 27 април 2014 година убедливо водеше Ѓорѓе Иванов, за кого во вториот круг гласаа 534.910 граѓани. На неговиот противкандидат, Стево Пендаровски, поддршка му дадоа 398.077 граѓани. Во првиот круг учествуваа и Зоран Поповски од ГРОМ, кој доби 31.368 глас и Илјас Халими од ДПА, за кого навиваа 38.966 граѓани.

Доколку наредните избори беа закажани в недела, ваквите бројки и за власта и за опозицијата ќе беа незамисливи.

Горан Адамовски