СДСМ се мисли за избори, се плаши да не згреши како во 2005 година

Да не ја пропуштиме шансата како во 2005 година кога бевме на власт, а не спроведовме предвремени избори, па наредната година изгубивме на редовните“. Вака размислуваат во Социјалдемократскиот сојуз по барањата што им ги достави ВМРО-ДПМНЕ за распишување вонредни парламентарни избори, кои би се одржале заедно со претседателските кон крајот на март или почетокот на април. Извршниот комитет на СДСМ сè уште не е свикан на седница, но најтесното водство на партијата цел викенд е во координација и држи состаноци. Дури и премиерот Зоран Заев размислувал да го одложи планираниот зимски одмор за да се донесе одлука што ќе биде во интерес на партијата и на државата. Подоцна, сепак, замина во Германија преку Приштина.

Всушност, се става на вага дали и колку евентуалните предвремени избори ќе ги закочат процесите во земјата бидејќи институциите нема да можат нормално да работат, а ќе има ново одложување на реформите, кои и онака беа ставени на страна поради договорот за името со Грција. Од тие причини, ниту меѓународните партнери не се баш воодушевени од идејата за парламентарни избори, особено што ќе поминат месеци и месеци додека се заврши целиот процес и се формира влада, а резултатот не може да се предвиди со сигурност.

Нема да има кочење на процесите

Нема да има кочење на процесите околу поканата за членство во НАТО и добивањето зелено светло за почеток на пристапните преговори за ЕУ, затоа што ние ја завршивме задачата и го ратификувавме договорот од Преспа. Сега Грција треба да го спроведе договореното, по што земјите од НАТО во своите парламенти ќе треба да ја потврдат поканата за влез на Македонија. Од друга страна, претседателски избори мора да има, па сакале или не, тоа ќе одзема време и енергија, така што не би изгубиле многу доколку одиме и на парламентарни избори“, тврди функционер на СДСМ.

Според нашите информации, во моментов најголема пречка за прифаќање на барањата на ВМРО-ДПМНЕ е делот со техничка влада која би требало да ги спроведе изборите. Во СДСМ велат дека ќе биде испочитувано сè што е договорено во Пржино, но нагласуваат оти техничката влада важи единствено при редовни парламентарни избори, а не и за вонредни како што е случајот сега.

Треба да донесеме правилна одлука. Анкетите се во наша корист и можеби би требало да го искористиме тоа. Слично беше во 2005 година кога премиер беше Владо Бучковски. Кога на почетокот од ноември го добивме статусот на кандидат за членство во ЕУ, рејтингот ни порасна и размислувавме да закажеме вонредни парламентарни избори, но одлучивме да почекаме уште една година и да одиме на редовни. За жал, изгубивме, а ВМРО-ДПМНЕ со Никола Груевски цели десет години остана на власт“, потенцираат од „Бихаќска“.

Вицепремиерката Радмила Шекеринска вчера изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ја изнеле иницијативата веднаш по гласањето во Собранието за уставните измени бидејќи сакале да ја сменат темата и да се заборави оти Македонија успеала да реши еден проблем.

Сакаат по малку да ја сменат темата бидејќи не им одговара. Темата покажува дека ако сакаш нешто да се реши – ќе го решиш, ако сакаш да ја ослободиш државата од изолација – ќе ја ослободиш, ако сакаш перспектива на своите граѓани – ќе им понудиш отворени, а не затворени врати. На тоа се должеше иницијативата да се бараат избори, ама да се наоѓа начин како тие да не се случат. Сериозно ќе ја разгледаме иницијативата, има многу аргументи и во полза на една таква иницијатива“, рече Шекеринска.

Османи: Да се фокусираме на економијата

Според вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, ДУИ сега на избори би постигнала два и пол пати подобри резултати од тие во декември 2016 година. Партијата, како што рече, се противела на идејата за предвремени избори веднаш по референдумот, иако и тогаш сите анкети покажувале дека ќе имаат одличен резултат.

Стоиме на ставот дека прашањето за членство во НАТО и почнување преговори со ЕУ треба да се заокружи. Тоа е идејата зошто го потпишавме договорот од Преспа и ги направивме уставните измени што го гарантираат членството во НАТО. Сметам дека целата политичка енергија треба да ја фокусираме на заокружување на членството во НАТО и на преговорите со Европската Унија, како и на примена на идејата 2019 година да биде година на економијата“, вели Османи. 

Во петокот вечерта, додека во Собранието се гласаше промената на името, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски ги свика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во седиштето на партијата за да се осигура оти овој пат ќе нема „предавници“ во своите редови, како што беше на 19 октомври. Кога стана јасно оти власта обезбеди двотретинска поддршка, итно беше свикана седница на извршниот комитет, при што беше заклучено оти ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржува промената на Уставот и договорот за името, што го оценуваат за исклучително штетен.

Важно е што граѓаните не ја донесоа одлуката за прифаќање на договорот, туку власта ја погази нивната волја и со уцени, закани и пазарења ги доби потребните гласови во парламентот. Ќе сториме сè што е во наша моќ да ја исправиме оваа неправда. Македонија со Заев губи, и доколку овие луѓе останат на власт, ќе продолжиме да губиме и во политиката, и во економијата, и во општеството… Тие мора да си заминат од власт. Бараме итно распуштање на парламентот и одржување на вонредни парламентари избори заедно со претседателските кои ќе ги спроведе техничка влада. Има доволно време да се подготват изборите и да се спроведат одредбите од договорот од Пржино. На овие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе победи и така волјата на мнозинството на граѓани ќе биде испочитувана“, порача Мицкоски.

Во Државната изборна комисија велат дека претседателските избори ќе ја чинат државата околу пет милиони евра. Најмногу три милиони евра ќе се одделат за надоместоци за избирачките одбори, а останатите се за транспорт и изборен материјал. Околу 300 илјади евра ќе се одвојат за сместување на избирачките одбори.

Горан Адамовски