Само седум отсто од прилозите на вестите оригинални теми на самите редакции

За разлика од периодот од пред една година, разноликост во известувањето во вестите на најгледаните комерцијални телевизии и кај јавниот сервис постои, но таа денес, во услови на сменети политичко-општествени и медиумски услови, зависи од уредувачката политика на самите медиуми, нивната иницијативност и ангажираност во изборот и обработката на темите, како и од почитувањето на професионалните стандарди во чие средиште треба да биде јавниот интерес. Разноликоста во вестите на ТВ-каналите сè уште не претставува прашање на конкурентски натпревар во функција на јавниот интерес.

Ова е заклучокот од мониторингот на осум ТВ-канали – шест најгледани комерцијални телевизии и на двата канала на Јавниот сервис, што беше спроведен од 19 до 25 февруари 2018 година, од страна на Македонскиот институт за медиуми и Мировниот институт од Љубљана.

Мониторингот, како што наведува МИМ, утврдува дека разликите биле најголеми во пристапот кон известувањето, што кај некои телевизии претставувал едноставно пренесување на информациите, а кај други коментаторско и субјективно толкување. Само на три телевизии бројот на прилози без позначителен новинарски ангажман бил под 50 отсто, а на МТВ1 тој изнесувал над 90 отсто.

Наодите упатуваат на тоа дека без оглед на жанровските специфики, карактеристичниот пристап во известувањето за актуелните теми или бројот на прилози за сопствени теми, телевизиите покажале преголеми сличности во темите на кои им даваат приоритет. Сепак, бројот на прилози за теми што излегуваат од рамката на дневното известување е премногу мал. Така на пример, oд вкупно 796 анализирани прилози, само 56 (седум отсто) се однесувале на теми што ги отвориле и разработиле самите редакции.

Според географската концентрација, телевизиите во три четвртини од прилозите се фокусираат на настаните што се случуваат во Скопје, за сметка на другите делови од државата. Истражувањето покажа дека недостасува поголем граѓански фокус во известувањето, односно наместо само да се пренесуваат информациите што доаѓаат од функционерите, треба да се прикаже каков ефект имаат случувањата врз граѓаните.

Овие активности се дел од проектот „#РеФорМедиа – Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера“ го спроведуваат МИМ и Мировниот институт од Љубљана, со финансиска поддршка од ЕУ.