Роналдо: Реал секогаш ќе остане во моето срце


Kристијано Роналдо по девет години минати во Реал Мадрид преминува во Јувентус во трансфер вреден 105 милиони евра.

Роналдо по официјализирањето на трансферот објави проштално писмо.

– Годините поминати во Реал и Мадрид се веројатно најсреќниот период во мојот живот. Сакам да му се заблагодарам на клуб и целиот град за љубовта и вниманието кое ми го пружија. Меѓутоа, дојде време за ново поглавје во мојот живот и затоа побарав од клубот да го прифати моето барање за трансфер. Ги молам сите да имаат разбирање за мојот потег. Поминав девет посебни години овде, но истовремено и тешки, бидејќи барањата на Реал секогаш се максимални, наведува Роналдо.

Тој во писмото им се обраќа и на соиграчите од мадридскиот клуб.

– Имав врвни соиграчи, а атмосферата на теренот и во соблекувалната беше одлична. Заедно освоивме четири титули во Лигата на шампионите. Благодарение на нив четири пати бев најдобар играч во светот, а трипати најдобар стрелец, потенцира фудбалерот.

Роналдо дојде во Реал во 2009 година од Манчестер Јунајтед.

– Реал Мадрид секогаш ќе остане во моето срце и сакам да им се заблагодарам на сите во клубот – претседателот, директорот, соиграчите, тренерите, лекарите, физиотерапевтите и на сите останати соработници. Сакам да им се заблагодарам на навивачите и воопшто на шпанскиот фудбал. Го напуштам Реал, но овој дрес и овој стадион секогаш ќе ги сметам за свои, стои во писмото на Роналдо.

Тој е најдобар стрелец во историјата на Реал Мадрид со 451 гол на 438 натпревари.