Роберт Билбилов, композитор: Со ѕвезди најлесно се работи

Роберт Билбилов (35) е меѓу најбараните и најталентирани млади композитори дома и во регионот. Зад себе има вонвременски хитови испеани од Тамара, Кристина Арнаудова, Каролина, Лоба, Тијана… а негова омилена песна е онаа која најмногу му се допаднала на народот. Помалку мистериозен, среќен е што далеку од јавноста може да работи без притисок, да се затвори во својот филм, и ако успее да направи добра песна, од таа песна да добива тантиеми 70 години и после неговата смрт. Ни откри и дека неговата нова вита става е склоп на околности и дека на љубовен план е врзан, ама не е во брак.

Ти си своевиден вундеркинд. Од колку години компонираш?

– Компонирам откако знам за себе, барем сум се обидувал некако. Кога ќе бидеш опкружен со такви луѓе, едноставно твојот долг е да станеш како нив, но мојата прва официјална песна што се вртела во етер е кога имав 16 години, оттогаш наваму мојата единствена љубов не згаснува, туку допрва се разгорува.

Дали композиторите треба да знаат да свират некој инструмент или тајната на успехот лежи во нешто друго?

– За да бидеш композитор, претпоставувам, треба да знаеш да направиш мелодија, која е певлива и бргу влегува во уво. Е, сега, на кој начин ќе ја извадиш таа мелодија од себе, е небитно, сè додека имаш осет за добра мелодија, но сепак мислам дека авторот би требало да знае барем пијано, некои основни акорди, со што би се олеснил процесот на создавање.

Татко ти, исто така, е легенда во оваа област, Хилми Билбил, авторот на „Бисер балкански“. Дали отсекогаш си знаел дека ќе бидеш композитор или те бидувало и во друга област?

– Секако, татко ми беше човек од кого можеше да научиш нешто повеќе за животот. Пред сè, како човек беше мирен, кроток, секогаш со добар пристап и со неговата насмевка знаеше да допре до тебе, така створив многу дисциплини кои денеска ме држат во живот. Нормално, во таква средина никогаш не помислив дека ќе се занимавам со некоја друга дејност. Секако дека имам и други способности, знам дека би можел да се снајдам и во некоја друга работа и од тоа добро да заработувам, но ете, љубовта секогаш победува.

Од кого учиш? Кој ти е идол ?

– Никогаш, ни како дете не сум имал баш некој идол, знаете… но сум имал среќа во животот да сретнам луѓе кои ми биле музички гуруа, почнувајќи од мојот татко, мојот наставник по музичко кој денес ми е голем пријател, Ангел Ќосев, и многу други. Од нив учев и крадев занает на некој начин, но главниот лик кој ден-денес има огромен удел во тоа што го правам, човек кој поставува нови стандарди, човек кој секому подава рака и можеш многу да научиш од него, се разбира, е Дарко Димитров, човек жива легенда – наш, а светски.

Која композиција те направи ѕвезда?

– Одлично прашање, но не можам да се сетам. Имав неколку успешни песни во теков на овие 18 години, но ѕвезда сè уште не станав или, пак, не знам што е ѕвезда, барем овде кај нас, претпоставувам дека е успешен човек.

Македонските ѕвезди сакаат да им напишеш песна, исто и во регионот. Што те прави поинаков од другите композитори?

– Најверојатно естетиката, секој музичар има свој вкус, свое музичко решение, свое искуство… Артистите се тие што на некој начин ги избираат авторите со кои би работеле бидејќи тоа за нив е многу битно, инвестираат во себе, во својот вкус… Во секој случај, тоа што не се плашам да експериментирам ме прави поинаков, знам дека можеби ќе утнам 10, но една песна така добро ќе ја погодам, само поради таа моја истражувачка страна, трпение и визија…

Дали избираш за кој пејач ќе компонираш?

– Секако, не престрого можеби, но ете, давам шанси на секој што барем малку сака да работи. За мене секој пејач си има своја песна, само треба да му ја погодиш мелодијата на неговиот глас, неговиот сензибилитет, да му ги погодиш неговите најубави тонови, каде звучи најтопло, или најагресивно, зависи од тоа што тој пејач чувствува и каква енергија ти дава, и најчесто каква среќа ќе има, како ќе биде расположен авторот.

И во светски рамки, ѕвездите се пославни од композиторите. Дали тоа што сте во сенка се валоризира на друг начин?

– Така е, ги нарековте пејачите ѕвезди. Ако ме разбирате, ѕвезди има, но се појавуваат и згаснуваат, паѓаат… супер живеат во нивните 5 минути, но потоа доаѓа нивниот хорор… како да го издржат темпото, да го повторат својот успех, да напредуваат, затоа што нивната работа е јавна, и цело време се изложени на луѓе, критики. Тоа е товар што не може секој да го издржи, но од друга страна исто така добиваат и многу љубов од луѓе кои навистина ја сакаат музиката и само тие луѓе ги движат во животот да го прават тоа што го прават. Кај композиторите се валоризира тоа што не се изложени толку јавно и можат да работат без тој притисок, можат да си се затворат во својот филм, и ако успеат да направат добра песна, од таа песна да добиваат тантиеми 70 години и после нивната смрт.

Дали е лесно да се компонира за ѕвезда? Дали плаќаат навреме?

– Со ѕвезди секогаш е полесно, тие се едноставни, свесни за својата големина, немаат потреба да докажуваат ништо, додека со другите е малку потешко, но наоѓам решение и за нив.

Македонија има многу таленти, а никој не сака да работи со нив, и по некое време ги снемува. Зошто?

– Тоа е факт, има. Сведоци сме на еден тон нови ѕвездички кои сериозно ни покажуваат дека навистина ги бидува и, за волја на вистината, тие и веќе ги направија нивните песни, спотови, има некакво раздвижување, но искрено сум разочаран што денес поддршката од медиумите не е како порано, и затоа згаснуваат, немоќни да издржат, ниту финансиски ниту психолошки, што е многу нормално. Ако не те пуштаат, ќе помислиш дека не те бидува… дека си доживеал тешко фијаско на нешто што си работел со месеци, но сепак верувам дека нешто ќе се промени и дека нема вечно да биде вака.

Со кои ѕвезди се дружиш и приватно?

– Скоро со сите сум ок, и имаме дружби, соработки и слично. Можеби не се гледаме секој ден, но тука сме секогаш кога си требаме.

Која ти е омилена песна?

– Онаа што најмногу му се допаднала на народот, се надевам имало неколку…

Пишуваш песни и за фестивалите. Зошто?

– Фестивалите се добар предизвик за секој автор. Пред сè дружбата со колегите е незаменлива, тие се убави мигови за нас. Песните на фестивал имаат поголем акцент, знаеш дека повеќе луѓе ќе ти ја слушнат песната и слично.

Дали со своите песни конкурираш за субвенции во Министерството за култура?

– Конкурирав во вториот круг, но ниедна песна не успеа да го задоволи вкусот на жирито…

Дали во иднина ќе се фокусираш како и досега како композитор или и како пејач?

– Желбата е присутна и за двете, но само една успевам сега-засега. Имам песни што се веќе готови и можам во секој момент да ги пуштам, но чекам и создавам подобра клима за тоа.

Што има ново на музички план? Слушам не излегуваш од студио?

– Последниве две години работам интензивно на создавање песни за многу пејачи со кои мислам дека можеме да ја вратиме довербата кај слушателите. Се надевам дека ќе успеам во тоа.

Имаш ли неостварени желби во музиката?

– Секако, но работам секој ден на остварување.

Каква музика приватно слушаш?

– Слушам секаква музика, но, да бидам искрен, немам толку време за да ја слушам по неколку пати и да уживам во неа.

Со синот Давид бевте заедно на одмор. Дали му посветуваш време колку што сакаш? На кои животни лекции го учиш?

– Да бидам искрен, денес не успевам да му посветам толку време колку што сакам, но знам дека секое време поминато со него се трудам да биде квалитетно, да го научам на многу нешта и да му пренесам знаење.

Дали е музикален како тебе?

– Музикален е, но не го форсирам, оставам сам да одбере, неговата уметничка страна ја манифестира и преку цртање, креирање…

Постојано си со музика. Дали понекогаш посакуваш тишина?

– Цело време, после неколку часа поминато во студио и некогаш гласна музика, посакувам само тишина.

Во јавноста ја промовира твојата нова вита става. Потреба или желба?

– Едноставно се случи, склоп на околности, стресови, работа, внимавање, возење велосипед, секојдневни проблеми. Малку повеќе свест за себеси и, можеш да се доведеш себеси до една нормална линија, барем јас така мислам.

На приватен план, сè уште ти е рано да се врзеш или?

– Врзан сум, ама не во брак.

Лејла Сабит   Фото: Драган Перковски