Раеви за креативците: Најиновативните градови во светот

Иновативноста се смета како клучна состојка за успешни градови за економијата во 21 век, бидејќи новата технологија константно се менува и со тоа се менуваат и постојните услови. Самиот концепт за „иновативен град“ може да содржи голем број различни стилови, сектори и резултати. Може да се однесува на град каде што се случуваат комерцијални иновации на светски познати и мултинационални компании или каде што универзитетите и јавниот сектор или, пак, каде што стартап-фирми и претпријатија креираат нови идејни проекти.

За подобро да го разбереме глобалниот систем на градовите, истражувачкиот центар „JLL’s Cities“ ги групираше во 10 типа или категории. Градовите кои се во иста категорија имаат иста ДНК со останатите градови од истата категорија, односно имаат слични карактеристики, можности и предизвици.
„Големата седумка“ на глобални градови, меѓу кои се наоѓаат Њујорк, Токио и Лондон, се сржта на овој систем и ги имаат сите силни понуди од модерната економија. Овие градови најчесто се поврзуваат со иновативноста, домашни и интернационални корпорации, богатство од таленти и голем избор на првокласни универзитети. Меѓутоа, и градовите со средна големина и градовите со растечки пазар исто така се сметаат за иновативни градови, и полека се пробиваат во современата економија. Овие две групи се наречени „Иноватори“ и „Претприемачи“.

„Иноватори“

Последниве неколку години, група од средно големи градови, кои се наоѓаат главно во Европа и САД, станаа специјалисти во секторите за висока технологија и со тоа се најдоа на многу сериозни позиции во глобалната иновативна мрежа. Според тоа и го добија името „Иноватори“. Овие релативно мали градови добиваат посебна предност од нивните конкуренти со секоја промена во однос ан технологијата и истражувачките индустрии.

Овие градови најчесто привлекуваат интерес од интернационалниот мобилен сектор и интернационалните бизниси поради перцепцијата дека кај нив недостигаат многу негативни услови (на пример, недостигот од евтини домови, општествени проблеми), за разлика од многу нивни големи ривали.
Меѓутоа, иако овие градови имаат исти карактеристики, тоа не значи дека се движат по истиот пат на иновативност. Универзитети, корпорациите, јавниот сектор и претприемништвата од иновативен аспект се сосема различни во различни градови, но секој пример има критична маса и експертиза.

Остин со својата комбинација на вредност, култура, талент и бизнис-општествени бенефиции го направи овој мал град еден од клучните американски технолошки центри. Големата присутност на Универзитетот Тексас и Државниот универзитет во Тексас го докажува огромниот капацитет на таленти во градот, кој заедно со добрите бизнис-услови привлекоа интернационални компании, како што се „Дел“, „ИБМ“, „Амазон“ и „Фејсбук“. Овој град го доби и прекарот Силиконско брдо поради високата концентрација на фирми за технологија, како и неговата позиција на водечка американска метрополска област за стартап-активности во 2016 година.

Берлин стана магнет за космолитски меѓународни таленти, главно поради малите трошоци за домаќинство и културните настани. Градот развива и сопствени стартап-проекти, на пример, веб-страницата „Рокет интернет“ содржи мрежа од успешни компании, вклучувајќи ја модната веб-страницата „Заландо“, сервисите за испорака на храна „Деливери хиро“ и „Хело фреш“. Во 2015 година Берлин привлече повеќе капитални фондови дури и од Париз или Лондон, со што Берлин ја демонстрираше способноста да биде достоен конкурент на поголемите градови.

Бостон ја држи позицијата на светски лидер во едукација, бидејќи е седиште на два од трите најдобри универзитети (МИТ и Харвард). Овој извор на таленти и моќниот истражувачки сектор го направија Бостон лидер во безброј научни полиња, особено биотехнологијата и природните науки.

Стокхолм стана познат како европски лидер благодарение на рекордното производство на компании вредни неколку милијарди долари. Само Силиконската долина е пред шведската престолнина во број на милијардерски компании. Музичкиот сервис „Спотифај“ и производителот на „Кенди краш сага“, компанијата „Кинг гејмс“ се две од успешните стартап-компании во градот. Покрај ова, Стокхолм може да се пофали и со извонредната дигитална, превозна и јавна инфраструктура.

Инвеститорите ги препознаа сите долгорочни состојки за успех кои „Иноваторите“ ги поседуваат. Од 10. вида, тие се на второто место за највисоко ниво на инвестиции, пред нив се наоѓаат само градовите од „големата седумка“ кои се светски лидери во секторот за недвижности.

„Претприемачи“

Иновативноста не е само за етаблирани градови во развиените економии. Градовите во растечките економии брзо стануваат клучни седишта во глобалната мрежа на иновативност, познати под името „Претприемачи“. Тие се динамични градови кои создаваат свои стартап-екосистеми и глобално конкурентни компании и како резултат на тоа станаа магнети за домашни таленти.

Шенжен ја има изградено својата репутација по производството на опрема за развој на сопствен иновативен екосистем кој ќе биде конкурент на меѓународно ниво. Интернет-гигантот „Тенсент“ се наоѓа во овој град, како и глобалните фирми „Хуавеи“ и ЗТЕ. Како резултат на ова, градот се смета за трет во светот според број на апликации за патентни иновации.
Бенгал е популарна дестинација за ИТ-компаниите, меѓу оние што имаат седиште во градот се компаниите „Випро“ и „Инфосис“.