Протестен марш на Струмичани против рудникот за злато


„Струмица и Струмичко против рудникот на смртта“ беше мотото на протестниот марш што се одржа денеска во Струмица против отворањето на рудникот за бакар и злато „Иловица-Штука“. Учесниците на маршот го изразија несогласувањето со отворање рудник кој ќе ја наруши еко рамнотежата во Струмичкиот регион.

Костадин Ристоманов од Здружението „Здрава Котлина“, организатор на протестниот марш, изјави дека се тука за да ја охрабрат Владата да донесе одлука за раскинување на договорот со концесионерот „Еуромакс ресоурсис“, а Ангел Наков побара од политичарите „завршете со оваа катастрофа, оти ако не завршите вие, ќе заврши народот“.

Активисти и загрижени граѓани потсетија на предизборните ветувања дека рудник на Огржден нема да има. Меѓу учесниците беше и Дедо Иљо од Штука, кој кажа дека нема да дозволат рудникот да растера 70 села и над 130.000 жители.

По завршувањето на протестниот марш се огласи компанијата „Еуромакс ресоурсис“ со тврдење дека рудникот ќе биде целосно безбеден за животната средина и здравјето на граѓаните.