Продолжува судењето на обвинетите за убиството на Саздовски
Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржи ново рочиште за Бесир Беља и Скендер Демири, обвинети за убиството на дваесетгодишниот Никола Саздовски.
Предметот се наоѓа во доказна постапка и за денеска е предвидено да биде извршена реконструкција на настанот.
Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј. Љ. (19), кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда.
Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот, е распишана домашна и меѓународна потерница.