Продолжува судењето на бизнисменот Сеад Кочан

Во скопскиот Криичен суд денеска треба да се одржат рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Труст“ и „Триста“.

Во „Труст“ првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан, а обвинети се уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ од Студеничани за учество на тендер на ЕЛЕМ.

На последното рочиште обвинителите на СЈО го изложија обвинението и побараа од Судот врз основа на приложените докази обвинетите да бида прогласени за виновни. Сеад Кочан, пак, се изјасни за невин за обвиненијата што против него ги изнесе Специјалното јавно обвинителство, а вина пред Судот негираа и второобвинетиот Василије Авировиќ и третообвинетиот Сафет Ватиќ.

Обвинителот на СЈО Гаврил Бубевски, образложи дека дека обвинетите Кочан, Авировиќ и Ватиќ, како и фирмите „Трансмет“, „Силекс неметали“ и „Вато“, под превезот на успешен бизнис, со тешка измама, злоупоребиле приближно 1.060.000.000 денари, односно 17 милиони евра, пари на граѓаните. Нивниот мотив, според него, бил на нечесен начин да се добие тендер на АД „ЕЛЕМ“ и со фалсификувана документација, да се добие работниот ангажман. Според доказите што ќе ги презентира СЈО, наведе Бубевски, ќе се докаже дека со куп невистинити документи, се погазени принципите на здравата конкуренција и се изиграни правилата на јавните набавки.

Одбраната на обвинетите смета дека тие се неосновано обвинети, дека доказите и вештачењето приложени од СЈО се нерелевантни и оти околу овој случај се крева „медиумска фама“.

Во предметот „Триста“ пак е обвинет поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност во врска со јавна набавка на 300 возила.

Тој се сомничи дека го оштетил буџетот за 453.570 евра. Според СЈО, Поповски незаконски доделил договори за купопродажба и одржување возила на Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје избрани како економски најповолни понуди.

Во овој предмет според одлуката на Апелацискиот суд прислушуваните разговори може да се користат како доказен материјал./МИ