Продолжува судењето за „крвавиот четврток“ во Собранието


Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжува судењето за настаните на 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија, против осумнаесетмината неамнестирани од првично 33 обвинети.

Судскиот процес се наоѓа во завршна фаза и на денешното рочиште се очекува обвинителката Вилма Рускоска да изврши промена на обвинителниот акт согласно Законот за амнестија и да се започне со изнесување завршни зборови.

На обвинителна клупа остануваат петмината кои не побараа амнестија: екс директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, началникот во МВР за специјални операции Душко Лазаров, еден од водачите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Јане Ченто и  Игор Југ од патриотските здруженија, како и 13 обвинети чии барања за амнестија беа одбиени.

Минатото рочиште беше одложено за, како што соопшти судијката Добрила Кацарска, да има доволно време Апелација да одговори на жалбите на одбиените барања за амнестија и тие да станат правосилни.

Судот ги одби барањата за амнетсија на Александар Василевски Нинџа, Никола Митревски Кољо, Горан Ѓошевски, Митко Пешов, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашо Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски.

Судењето за случајот „27 април“ почна во август минатата година против вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување, а со Законот за амнестија помилувани беа 15 обвинети.

Позитивно мислење по барањата за амнестија, добија петтемината пратеници – Мукоски, Арнаудов, Василевски, Тарчуловски и Димовски, организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, вработените во кабинетот на тогашниот собраниски спикер Иван Цветановски и Елена Доцевска-Божиновска, браќата Младеновски кои први открија детали за организацијата на крвавиот четврток и Захарије Симовски, Илија Славевски и Митре Питроповски од патриотските здруженија.