Пробниот попис чука на врата – власта тактизира

Освен за првиот круг од претседателски избори, Македонија полека почнува да се подготвува и за пробниот попис на населението, домаќинствата и становите кој, според најавите, треба да се одржи исто така во април годинава. Пробен попис ќе има во 16 града и 16 села, а до 27 месецов треба да се најде фирмата што ќе го изработи софтверот, односно апликативното решение за пробниот попис.

Во тендерската документација можат да се видат и некои од прашањата што треба да ги содржи апликацијата. На пример, прашањата на кои треба да одговараат луѓето што ќе бидат попишувани содржат мајчин јазик, државјанство, а тие ќе бидат прашувани и колку време се присутни на адресата, дали лицето се враќа во домаќинството повеќе од двапати во еден месец, економскиот статус, превозното средство што се користи за да се стигне до работното место/образовната установа, главни извори на средства за живеење итн. Графата етничка припадност, која предизвика разни полемики во јавноста, не е содржана во тендерската документација за софтверот.

Заводот, како единствено надлежен за спроведување на пописот на населението, како што потврди директорот Апостол Симовски, ги даде своите предлози меѓу кои и пописниот образец да не го содржи прашањето за етничка припадност, со што би се тргнала оваа операција од полето на политички интерес. Тоа од статистичка гледна точка, според него, нема никаква употребна вредност. Неговата идеја смета дека може да добие поддршка, особено што правата на заедниците, како што вели, се врзани само со јазикот што го говорат граѓаните.

Ако овој белег биде изоставен во пребројувањето на нацијата, пак, сметаат експертите, тоа ќе доведе до сериозни проблеми во функционирањето на политичкиот систем кој се базира на бројки.

Крајната одлука кои прашања ќе бидат вклучени во пописот што треба да се реализира во 2020 година ќе го донесе Собранието со донесување на законот за попис. Иако беше најавено дека законот светлото на денот ќе го види месецов, од Владата вчера известија дека тој сè уште не е ни влезен во владина процедура и сè уште се подготвува во Министерството за правда.

Опозициските политички партии, и од македонски и од албанскиот етнички кампус, се децидно против попис на население без етничка графа. Владејачките СДСМ и ДУИ сè уште тактизираат. Од ДУИ вчера не успеавме да добиеме прецизен одговор, иако неодамна лидерот на партијата Али Ахмети изјави дека за неговата партија не претставува никаков проблем дали ќе се внесе или не етничката графа во пописот на население во 2020 година. Според него, најважно е да се изготви закон прифатлив за сите страни.

Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, пак, вчера изјави дека партијата во моментов е фокусирана на поприоритетни прашања за кои ќе се разговарало на извршниот одбор закажан за вчера вечер. Од партијата велат дека најпрвин треба да се види законското решение, но не ја исклучуваат можноста на крајот да биде донесена одлука да се оди на попис без етничка графа, според практиката во многу земји во светот и Европа, меѓу кои и во мултиетничките Швајцарија или Белгија.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска неодамна рече дека при пописот не треба да се прави етничка поделба туку треба да се утврди точната бројка на населението кое живее во Македонија бидејќи земјата лека-полека се празни. Клучното прашање што ќе треба да го одговори пописот е колку луѓе живеат во Македонија. Второто клучно прашање е со што живеат тие луѓе, кои им се реалните социјални, економски, регионални проблеми, за да може да се водат соодветни политики.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ етничката определба е многу важна. Истото, како што ни кажаа вчера, важи и за Алијансата за Албанците, која како политичка партија ќе се спротивстави на попис без етничка и верска графа. И од поделената Беса на Касами и на Африм Гаши го делат истиот став.

Стравот од политичка контаминација или влијание врз, начелно, статистичка операција се должи на неуспешниот попис од 2011 година. Дебаклот едни го лоцираат токму во етничката припадност, а други во евиденцијата на дијаспората бидејќи со претходниот закон не беше можно да се вклучат лицата што не биле регистрирани во земјата повеќе од една година.

„Обединетите нации заедно со Еуростат даваат препораки пет години пред земјите членки да го спроведат пописот. Една година претходно се прави пробен попис, како еден вид тестирање на сите пописни елементи, како што е планирано кај нас во април годинава“, вели поранешниот директор на Заводот за статистика Дончо Герасимовски.

Во тие препораки постојат таканаречени стандардни и споредни белези. Државите се должни да ги вметнат стандардните белези во пописните прашалници (возраст, пол, образование, вработување, економски карактеристики…), а во нив не спаѓаат етничките и културолошките прашалници. Тие се дел од споредбените белези кои не се задолжителни. Секоја земја може, но и не мора да ги вметне во пописот.

„Политичарите на крајот ќе одлучат околу тоа дали ќе има графа за етничка припадност. Едно од прашањата во пописот е мајчиниот јазик. Но тоа прашање не може да одреди колкава е точната бројка на одреден етникум. Проблем е што Рамковниот договор е веќе дел и од Преамбулата на Уставот, чија одржливост се темели на 20-процентната застапеност на одредена етничка заедница. И други законски решенија ги обезбедуваат колективните права на етничките заедници врз основа процентуална застапеност“, нагласува Герасимовски. (Н.К.)