При абортусот, желбата на жената на прво место

Во предлог-законот за прекинување на бременоста волјата на жената се става на прво место со тоа што ѝ се дава право на слободен избор за абортус до 12. гестациска недела, во консултација со матичниот гинеколог. Слободен избор за прекин на бременоста жената ќе има и до 22. гестациска недела. Наместо комисија, како досега, ќе има советодавно тело, кое ќе биде составено од гинеколог, кој ќе бара мислење од негов колега, гинеколог, кои на жената ќе ѝ дадат совет, ќе ја информираат за плодот, меѓутоа крајната одлука дали ќе абортира ќе зависи од неа.

Според препораките на Светската здравствена организација, ќе се почитува желба на жената да направи абортус. Со измените на Законот се укинува задолжителното советување и чекање од три дена и обврската жената да оди на комисии. Министерот за здравство Венко Филипче подвлекува дека подолг период работеле на предлог-законот во чија подготовка биле вклучени и граѓанските здруженија кои укажувале дека волјата на жената е маргинализирана во целата ситуација.

„По 22. гестациска недела се формира комисија која веќе одлучува поради тоа што после тоа време веќе е формиран плодот и на жената ѝ требаат повеќе специјалисти, од повеќе специјалности. Оваа комисија, освен од гинеколози, ќе биде составена од детски хирург, по потреба неврохирург, специјалист од детска кардиологија, од анестезиологија, да ѝ укаже на жената по прегледот што е востановено кај плодот“, вели министерот за здравство.

Филипче поставува прашање што може да се очекува од плодот, кој ако се роди има малформација? Дали таа малформација може да се лечи или не може. „Ако може да се лечи, какви би можеле да бидат резултатите од лечењето? На пример, има малформација на главата и комисијата кажува што може да се очекува кај детето“, вели Филипче.

Гинекологот Ана Данева-Маркова од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство вели дека за жената која е над 22 гестациска недела со новините кои стојат во предлог-законот, ќе се олесни административната процедура ако побара прекин на бременоста.

„Ќе се олесни процедурата кога пациентката бара прекин на бременост, со тоа што ќе се прошири комисијата со повеќе профили кои во истиот момент кога пациентката ќе побара прекин на бременост на една маса ќе седнат лекарите од различни специјалности и ќе ѝ дадат одговор. Досега, во пракса пациентката доаѓа кај нас, па се испраќа со наш упат или некогаш со нечиј друг упат на матичен гинеколог или лекар од друга клиника и пациентката кружи низ тие институции. Некогаш не една, не две, туку три-четири недели поминуваат за пациентката да го најде докторот што ѝ треба и доаѓа на крај да се заврши истата работа која сега со новиот предлог-закон се предвидува на едно место, во една комисија, да се одлучи во еден момент за тоа“, вели Данева.

 

   Жените до деветта гестациска недела ќе можат да абортираат со таблети

 

Предлог-законот за прекинување на бременоста дава можност жената да направи и абортус со таблети до деветтата гестациска недела. Терапијата ќе се издава преку строго контролирани стандарди, за да нема злоупотреби.

„Сега чекаме да се смени начинот на утврдување на позитивната листа за да имаме механизам тие медикаменти кои се за медикаментозен абортус да ги ставиме на позитивна листа бидејќи сега не се на позитивна листа, а законот е во собраниска процедура“, додава Филипче.

Не се знае точната регистрирана бројка на абортуси направени минатата година или оваа, меѓутоа според статистиката што ја имаат докторите дури 8.000 жени лани ја прекинале бременоста. Гинеколозите очекуваат дека со употребата на медикаментозниот абортус, односно со таблетите ќе имаат официјална бројка што ќе биде реална. Сметаат дека бројката од лани е двојно поголема бидејќи не се пријавуваат сите што абортирале.

 

                                      Загриженост и од Комитетот за човекови права на ОН

 

Од Министерството за здравство информираа дека Комитетот за човекови права и Комитетот за културни и социјални права при ОН имаат изразено загриженост во однос на „условите воведени со Законот за прекинување на бременоста од 2013 година со кои може кумулативно да се ограничи пристапот до легален абортус“.

„Практиката на примена на важечкиот Закон за прекинување на бременоста покажа проблеми со постојните административни процедури/бариери со што се ограничува пристапот до и спроведување на постапката за безбеден абортус и остварување на правото на жените за спроведување на безбеден абортус“, подвлекуваат од Министерството.

Пред четири дена поранешниот министер за здравство Никола Тодоров јавно им се извини на жените кои му забележуваат на Законот за прекинување на бременоста. Во разговор за Канал 5 тој нагласи дека таквото законско решение му била лоша работа.

„Ми забележуваат до ден-денеска за Законот за абортус. Можам сега да се извинам јавно на сите жени чии чувства сум ги навредил со носењето на тој закон, иако идејата беше многу благородна и позитивна. Но нечии чувства, нечии позиции и сфаќања сум ги повредил “, рече Тодоров.

Инаку, Законот за прекин на бременоста беше усвоен од пратениците во 2013 година. Го изгласаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, на гласањето не присуствуваа пратениците од СДСМ, која тогаш беше во опозиција. На расправата не ни учествуваа оти законот не бил во интерес на граѓаните и не се водело сметка за уставното право на избор и почитување на човековите прави и слободи. Невладините организации протестираа пред Собранието против донесување на Законот за прекин на бременоста, ама нивните барања тогаш не вродија со плод.

Вероника Мароска-Леова