Пратениците чекаат милост, притворените правда

Обвинетите за 27 април што се наоѓаат во притвор сега, по донесувањето на селективниот Закон за амнестија, ќе чекаат правда од судечкиот совет на чело со судијката Добрила Кацарска. Јане Ченто и Игор Југ, кои се наоѓаат во притвор и не се опфатени со амнестијата, вчера во судница соопштија дека нема да поднесуваат барање за амнестија. Оние, пак, што очекуваат да добијат милост од државата беа тивки.

„Лично јас сакам вие, а не политичката елита да ми суди. Сите, целата јавност, а најмногу вие сакате да се дознае вистината. Точно е дека сме влегле во Собранието понесени од емоциите, секој треба да сноси одговорност. Не може да нè помилуваат за дело што не е докажано. Време е да покажеме дека сме правна држава и дека судската власт е независна. Вие како суд пресудете ни, а не политичките елити. Нема да барам амнестија, и сакам вие да ми судите, а не политичките елити“, рече пред судот обвинетиот Ченто. Ваквата изјава, дополни тој, ја дава за да остави трага дека сака правда, а останатото за кое, како што нагласи, има многу што да зборува, ќе го каже во завршни зборови пред судот.

Барање за амнестија нема да поднесе ниту Игор Југ, кој се товари дека во Собранието влегол со оружје со цел да го убие премиерот Зоран Заев. „Правдата ќе ја докажам пред вас, не го признавам селективниот Закон за амнестија и не дозволувам да бидам ничија монета за поткусурување“, рече Југ.

Неправдата што ја предизвика овој закон веднаш се пресели во судницата. Уште непочнато судењето мораше да интервенира судската полиција и да го смирува Игор Југ. Тој гневен стана и му се обрати на еден од тројцата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за кои се изгласа специјален закон за амнестија: „Што се криеш сега бе како пи.ка под кошула?“.

Судијката Кацарска не го искоментира Законот за амнестија.

„Советот во оваа фаза не одлучува ништо поврзано со Законот. Се знае кој ќе одлучува по вашите барања“, вели Кацарска.

Во Законот не е точно наведено кој ќе одлучува по барањата за амнестија што ќе ги поднесат обвинетите за упадот во Собранието, туку пишува дека решението за амнестија ќе го донесе првостепениот суд откако ќе добие мислење од надлежното обвинителство. Според првичните неофицијални информации, крајниот збор за тоа кој ќе биде амнестиран нема да го има судечкиот совет, кој го води овој случај, туку кривичен совет. Судијката Кацарска, која интензивно го води овој обемен предмет од август, веќе го искоментира Законот како нејасен и предвреме донесен, а на иста линија е и обвинителката Русковска за која Законот не е прецизен. При давањето на нејзиното мислење дали некој обвинет треба да биде амнестиран или не, ќе се консултира со републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески и со колегите од Јавното обвинителство.

Русковска не е задоволна од Законот ниту како обвинител кој вложил многу работа и труд во овој случај ниту како граѓанин, но мора да го спроведе она што го изгласаа политичарите и порачува дека не може да одлучи никого да не амнестира.

„Не можам да речам никого не амнестирам. Значи, јас како обвинител морам да го почитувам Законот. Ако не го почитувам Законот, и јас правам кривично дело“, рече Русковска.

Единствена предност на Законот за Русковска е тоа што мислење за амнестија ќе дава обвинителот кој го води случајот.

„Како ќе стигнуваат барањата за амнестија, така ќе се одлучува поединечно по истите, со тоа што навистина во Законот е предвидено дека одлуката ја носи судот по претходно прибавено мислење на јавниот обвинител и добро е што е така затоа што е многу подобро отколку комисија да формираат во Собранието, па амнестијата да ја одредуваат тие – за кого да важи, а за кого да не важи. Сепак, обвинителот најдобро го знае предметот, а и судот кога ќе се комплетира доказната постапка“, вели обвинителката.

Законот за амнестија со големо мнозинство беше изгласан во понеделникот. Откако ќе го потпише претседателот, тој ќе биде објавен во „Службен весник“ и ќе стапи во сила. За оние што според законот мора да бидат амнестирани ќе биде запрена постапката, а судскиот процес ќе продолжи да си тече за оние што политичарите не ги помилувале.

Рамче:Арнаудов побара 50 евра за изјава

Петтемина пратеници обвинети дека на 27 април минатата година ги отвориле вратите на Собранието за да влезе толпата внатре не сакаа да кажат дали ќе поднесат барање за амнестија. Единствено пратеникот Љубен Арнаудов даде несреќна изјава пред новинарите, иако токму тој се испазари за својата слобода со кревање рака во Собранието како поддршка за уставните измени.

„Ќе дадам изјава за 50 евра“, рече Арнаудов.

Новинарите собраа пари и навредени од неговата изјава му понудија повеќе од 100 евра за да даде изјава. Сепак, Арнаудов ги одби со порака дека само се шегувал со изјавата.

Рамче: Доказите на Нинџа нема да ги види јавноста

Аудиоснимките и фотографиите на обвинетиот за 27 април Александар Василевски-Нинџа, кои ги понуди за да го поткрепи својот исказ пред судот, најверојатно нема да се пуштаат во судница.

„Тешко дека ќе можат да бидат прифатени со оглед на тоа дека се прибавени на незаконски начин“, рече судијката Добрила Кацарска на вчерашното рочиште.

Но, сепак, официјалната одлука ќе се соопшти на утрешното рочиште.

На претходното рочиште Нинџа овие снимки, како и 20 фотографии, ги предложи како дополнителни докази за кои рече дека го поткрепуваат неговиот исказ пред судот. Рече дека ги дал и во обвинителството кога се предал на полицијата. Нема да се изведува ниту дополнителниот доказ на Мунир Пепиќ, бидејќи станува збор за класифициран документ на Агенцијата за разузнавање, од каде што рекле дека не можат да направат декласификација.

Рамче : Жестока кавга меѓу судијката и адвокатот на Чавков

Доказите од МВР со назнака „доверливо“, кои беа предложени од обвинетите Митко Чавков и Душко Лазаров во постапката за случајот „27 април“, стасаа до судот. Судијката Добрила Кацарска извести дека ги доставила до бранителот на Лазаров, како и до обвинетиот, но не успеала да стапи во контакт со адвокатот Сашко Дуковски, кој го застапува обвинетиот Митко Чавков.

Овие докази требаше да бидат декласифицирани за да можат да се користат во судската постапка, а потоа судот требаше да ги достави до двајцата обвинети, како и до обвинителството. Бидејќи адвокатот Дуковски не одговорил на телефонските повици на Кацарска, огромна папка со куп докази вчера му беше предадена лично на рака. Но бранителот на обвинетиот Чавков побара пауза за да ги разгледа доказите. Откако помина еден час во разгледување на писмените докази, адвокатот Дуковски не можеше да се произнесе за целосната документација, па настана жестока расправија со судијката Кацарска.

„Господине Дуковски, јас и вие денес не можеме да се разбереме. Кажете ми колку време ви треба за да ги подредите доказите што судот денес ви ги достави?“, му се обрати судијката на адвокатот. Дуковски гласно се расправаше и негодуваше дека не било негова вина тоа што бил на интервенција за синусите и тоа што не бил во можност да ги прими доказите тогаш кога судијката го барала, но не успеала да го добие на мобилен телефон.

„Кој ви дава право да малтретирате 70 луѓе, од кои триесет и двајца се обвинети?“, му возврати налутено судијката на адвокатот Дуковски.

Следното прашање Кацарска го упати до обвинетиот Чавков, кого го праша колку време ќе им биде потребно со неговиот адвокат да ги средат доказите, укажувајќи му дека нема да му биде ускратено никакво право, но и дека таа како судија, како и членовите на советот што заедно со неа постапуваат на рочиштето работат и по 12 часа. Обвинетиот Чавков побара, а Кацарска му одобри време до утре да завршат сè што имаат со адвокатот Дуковски и да дојдат подготвени за доказно рочиште.