Потребни се уставни измени за намалување на цензусот за референдумот

Идејата за евентуално намалување на цензусот за престојниот референдум може да се реализира само преку уставни измени, коментираат за „Независен весник“ правни експерти што ги консултиравме. Референдумот, велат, е уставна категорија, уредена во делот на надлежностите на парламентот, како институција која распишува плебисцитарно изјаснување на граѓаните. Во членот 73 од Уставот е предвиден и прагот на излезност од 50 проценти плус еден гласач за референдумот да биде успешен.

„Собранието одлучува за распишување на референдум за одделни прашања од својата надлежност со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Одлуката на референдумот е усвоена, ако за неа гласало мнозинството од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број избирачи. Собранието е должно да распише референдум кога предлог ќе поднесат најмалку 150.000 избирачи. Одлуката донесена на референдумот е задолжителна“, гласи уставниот член 73.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров, гостувајќи во „Топ тема’ на Телма, рече дека не се знае колку точно гласачи имаме во државата. Потсети дека, на избирачкиот список има околу 1 милион и 800 илјади гласачи, но дека постојано се зборува за околу 500 илјади иселени лица. Но, сега вели, нема време за прочистување на списокот, па мора да се носат политички одлуки.

Ист праг за излезност од над 50 проценти беше предвиден порано и за вториот круг од претседателските избори, за тие да бидат успешни. Преку уставни измени, тој цензус е намален сега на 40 отсто одѕив.
На последните претседателски избори, во 2014 година, одѕивот, сепак, изнесуваше над 50 проценти, односно близу 55 проценти, со тоа што заедно со вториот круг гласање за шеф на државата се одржаа и парламентарни избори.
За прогласување уставни измени е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, така што во случајов би требало да се обезбеди консензус со ВМРО-ДПМНЕ за евентуално брзо намалување на цензусот за референдумот што претстои, а по кој, доколку биде успешен, ќе следи донесување амандмани на Уставот, согласно договорот со Грција. (А.М.М.)