Поп Ацев: До последен момент добивав лажни информации од ПФМ


Македонија остана без свој претставник на Европското пливачко првенство во Глазгов. Евгениј Поп Ацев беше најавен, но не и пријавен за настап на континенталниот самит. И самиот бил шокиран од сознанието дека го нема на стартната листа на натпреварувачи и покрај, како што вели, исполнетата норма во февруари оваа година. Вината ја насочи кон раководството на Пливачката федерација на Македонија (ПФМ) чие раководство, пак, отфрла одговорност во случајот.

„Во февруари исполнив норма дадена од ПФМ за настап на Европското првенство и во изминатата година целата моја енергија, фокус, тренинзи и мотивација беа насочени кон тој настан. До последен момент добивав лажни информации од ПФМ и верував дека се е во ред со мојот настап. Може да замислите колку разочарувачки беше за мене кога со пола спакувана торба видов дека ме нема на стартната листа“, напиша Евгенија Поп Ацев на социјалните мрежи и продолжи:

„Тие кои ме познаваат или кои се натпреварувале на интернационално ниво ќе разберат дека нема зборови за опишување на мојата огорченост, разочараност и болка. Уште поболно е што луѓето кои се одговорни за оваа ситуација се натпреварувале на исто ниво и се свесни колку ми значеше настапот на Европското првенство и колку можев да постигнам. Мислам дека на секој нормален човек ќе му биде тешко да објасни зошто ми го направија ова и до последен момент ме лажеа. Сметам дека ниту еден спортист не треба и не заслужува да го доживее ова“.

Соопштение на ПФМ: Не сме јавашлук, желботека или најефтина туристичка семејна агенција

По повод случајот „Евгениј Поп Ацев“ со соопштение се јави и Пливачката федерација на Македонија (ПФМ) со намера за запознавање на јавноста за, како што што стои во воведот, продолжување со воведување на професионализам со единствена цел – континуиран врвен спортски резултат.

„Уште во декември во 2017 година, Пливачката федерација на Македонија даде согласност до Македонскиот олимписки комитет (МОК) за Евгениј Поп Ацев да биде стипендист за периодот 2018 – 2020 година како единствен пливач поради неговите досегашни успеси на маратони кои се надвор од светските, европски и олимписки дисциплини на 5 километри, на 10 километри и на 25 километри“, пишува во првиот дел од дописот на ПФМ до медиумите потпишан од претседателот Александар Маленко.

Од ПФМ порачуваат дека сите пријавувања за настап на големи натпревари биле и ќе бидат навремени за сите пливачи со исполнети критериуми како и третманот кон нив без оглед за која возрасна категорија припаѓаат. Во врска со Поп Ацев и неговиот настап на Европското првенство во Глазгов од Федерацијата наведуваат:

„Прелиминарна пријава за тројца пливачи и две официјални лица имаше уште на крајот на април. Конфирмација (потврд) за да пратиме финална листа на учесници не добивме затоа што од седми јуни до 31 јули ПФМ немаше право да користи сметки, печат, службена електронска адреса поради чекање на конечната одлука од второстепена комисија по жалбата за тоа – кој е легитимен претседател и раководство на ПФМ. Од 31 јули до 6 август секојдневно беа испраќани електронски пораки за добивање конфирмација само и исклучиво за Евгениј Поп Ацев за трките на 10 километри и на 25 километри и барање за негово учество за што на крај добивме официјален одговор во кој се вели дека Евгенија Поп Ацев „is not eligable to compete on European Championship Glasgow 2018“, пишува до соопштението на ПФМ.

Пливачката федерација нагласува дека „во првите шест месеци во 2018 година, Евгениј Поп Ацев ги имаше сите удобност од ПФМ и од МОК како врвен спортист, но, за жал, резултатски комплетно потфрли во официјалните дисциплини на 10 километри и на 25 километри“.

„ПФМ не е јавашлук, желботека или најефтина туристичка семејна агенција за бесплатни тури ширум светот. Ова раководство воспостави нормативи и критериуми што важат за сите со цел континуиран спортски резултат и вложување во млади таленти на возраст од 12 до 16 години од кои се очекуваат врвни спортски резултати од денеска до 2028 година. Девизата „мора да се учествува, вие не знаете кој сум јас иако немам никаков резултат и ме нема на ФИНА и на ЛЕН официјалните ранг листи заврши“, порачуваат од Пливачката федерација на Македонија.   (С.Ѓ.Д.)

 

Раководството на ПФМ нема намера да поднесе оставка

Раководството на Пливачката федерација на Македонија не чувствива одговорност ниту, пак, размислува за оставка по случајот со Евгениј Поп Ацев.

„Македонија мора да расчисти со лажни слики на величини создавани во последната декада ако сака да има врвен спортски резултат во пливање и во секој олимписки спорт. Оставката на раководството што ја посакуваат некои исфрустрирани личности за да продолжи бесплатната фамилијарна обиколка по светот нема да добијат. Оставка ќе поднесеме во оној момент кога со докази и факти ќе пристапат сите талентирани пливачи, нивните тренери дека барем една запирка од зацртаната програма усвоена од Агменцијата за млади и спорт и Македонскиот олимписки комитет не сме исполниле“, е пораката на крајот на соопштението на ПФМ.

 

Александар Поповски се повлече од УО на ПФМ

Александар Поповски поднесе неотповиклива оставка на функцијата член на Управниот одбор на Пливачката федерација на Македонија (ПФМ). Неговата одлука е мотивирана од морални причини и доаѓа како последица на случајот со пливачот Евгениј Поп Ацев.

„Се работи за неправда што му е нанесена на нашиот пливач Евгениј Поп Ацев. Од месец март досега раководството на ПФМ, од неразбирливи причини за мене, во повеќе наврати го опструира неговото учество на значајни маратонски трки, а врв на сето тоа однесување е ненавременото пријавување за Европското првенство што се одржува во Глазгов и покрај ветувањата од нивна страна пред месец дена дека се е во ред и дека Евгениј ќе настапи на истото“, наведува Поповски.

Поп Ацев вчера ја обвини ПФМ дека намерно не го пријавила за учество на трките на десет километри и на 25 километри на отворени води на Европското првенство во Глазгов. Федерацијата преку соопштение потпишано од претседателот на ПФМ, Александар Маленко, ги отфрли обвинувањата.

 

АМС бара факти и аргументи од ПФМ

Агенцијата за млади и спорт (АМС) со реакција во врска со случајот со пливачот Евгениј Поп Ацев и по повод последните случувања во Пливачката федерација на Македонија (ПФМ). Од АМС наведуваат дека внимателно го следат случајот.

„Евгениј Поп Ацев е еден од најуспешните македонски пливачи и еден од најголемите спортски амбасадори на нашата држава кој безрезервно е поддржан во сите неговите настапи и натпреварувања од страна на АМС. Изразуваме жалење што АМС не била порано информирана дека иако има постигнато норма нема да биде пријавен да учествува на ова првенство, како би можеле писмено да реагираме до надлежните меѓународни спортски институции и да најдеме начин да го поддржиме“, стои во соопштението на АМС.

Од Aгенцијата нагласуваат дека се залагаат за системско решавање на проблемите во пливањето за да нема вакви случаи во иднина што одат на штета на спортот и на спортистите кои ја претставуваат нашата земја.

„Ги повикуваме сите инволвирани кои одлучиле Евгениј да не учествува на Европското првенство во Глазгов да се произнесат во јавноста со сериозни факти и аргументи врз кои ја донеле оваа одлука и да сносат соодветна одговорност“, наведуваат од АМС.

 

(С.Ѓ.Д.)