Помала група Солунчани побараа оставка од градоначалникот Бутарис
Група од околу 70 лица, според солунските медиуми, се собра денеска пред зградата на општина Солун и побара оставка од солунскиот градоначалник, Јанис Бутарис, по неговите вчерашни изјави за евентуални преименувања на аеродромот и автобуската станица во Солун.
Како што јавува дописникот на МИА од Атина, насобраните граѓани, со грчки знамиња во рацете, извикуваа: „Дај си оставка“; „Да одиш во Скопје да бидеш градоначалник“; „Предавник“, а во потпишана резолуција што беше доставена до заменикот градоначалник на Солун, бараат од Бутарис, јавно да се извини и да си даде оставка, бидејќи неговите изјави „ги навредиле Солунчани“.
– Градоначалнику, со изјавите што ги давате во последно време, сметаме дека ја минавте секоја граница. Додека проблемите на градот го прават сѐ потешко секојдневието на граѓаните, вие водите надворешна политика, провоцирајќи со несоодветни изјави и со вашето однесување. Вашите изјави постојано ги навредуваат граѓаните на Солун и сите грчки граѓани, бидејќи се екстремно антигрчки, пишува во резолуцијата, според грчките медиуми.
Граѓаните за 26 февруари закажаа нов протест, за време на состанокот на општинскиот совет.
Солунскиот градоначалник, како што вчера објави МИА, за време на состанокот во општина Солун, завчера вечерта, се запраша дали можеби и Грција треба да размисли за преименување на аеродромот и автобуската станица што го носат името „Македонија“. Вчера наутро, говорејќи за грчката телевизија Скај, го повтори неговиот став, а на прашањето кое би можело да биде името за солунскиот аеродром, Бутарис го спомена името на познатиот грчки кошаркар Никос Галис. Неколку часа подоцна, по бурата реакции во Грција, солунскиот градоначалник на вонредна прес конференција, демантираше дека предложил или побарал преименување, а кога го побарале од ТВ Скај, спиел и го збуниле.