Пливачката федерација на Македонија ги отфрли обвинувањата на Евгениј Поп Ацев


Пливачката федерација на Македонија (ПФМ) денеска одржа итен состанок на Управниот одбор за случајот со пливачот Евгениј Поп Ацев.

Федерацијата ги отфрли обвинувањата на Поп Ацев дека намерно не бил пријавен за учество на трките на десет километри и на 25 километри на отворени води на Европското првенство во Глазгов.

Од ПФМ во однос на овој случај наведуваат дека прелиминарна пријава била испратена уште на крајот од април за тројца пливачи и две официјални лица.

– Потврда не добивме, како би пратиле финална листа на учесници, затоа што од 7 јуни 2018 година до 31 јули 2018 година, ПФМ немаше право да користи сметки, печат и службена електронска пошта која беше замрзната заради чекање на конечна одлука од второстепена комисија по жалба за тоа – кој е легитимен претседател и раководство на ПФМ, стои во соопштението од Федерацијата.

Оттаму наведуваат дека дополнително во периодот од 31 јули до 6 август секојдневно преку електронска пошта биле испраќани барања за учество само на Евгениј Поп Ацев за трките на десет километри и на 25 километри, но дека потврден одговор не бил добиен.

Од ПФМ наведуваат дека Поп Ацев „резултатски комплетно потфрлил во официјалните дисциплини десет километри и 25 километри“.

– Македонија мора да расчисти со лажни слики на величини создавани во последната декада, ако сака да има врвен спортски резултат во пливање и секој олимписки спорт, се нагласува во соопштението потпишано од претседателот на ПФМ, Александар Маленко.

Од Федерацијата наведуваат дека се подготвени да си поднесат оставка доколку со факти и докази се утврди дека не ја спроведуваат усвоената програма или има некакви други нерегуларности.