Паѓаат пресудите од СЈО

Единствениот функционер од минатата власт кој заврши во затвор и беше осуден на вкупно 15 години затвор, Ѓоко Поповски, доби мала правна битка. Апелацискиот суд ја укина пресудата од девет години затвор за поранешниот помошник-министер во МВР за незаконска набавка на 300 возила за МВР, која му ја изрече судијката Добрила Кацарска на 22 мај.
Одлуката на второстепениот суд не е објавена бидејќи сè уште се изготвува. Од Апелацискиот суд не ги откриваат причините зошто предметот е вратен на повторно одлучување, но потврдуваат дека утврдиле повреди во постапката.
Со укинувањето на пресудата автоматски се укинува и обврската Поповски да ја надомести штетата кон МВР од 28 милиони денари што беше утврдена во овој предмет.
Поранешниот министер, кој за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ беше непознат, јавноста го запозна откако беше обвинет и осуден во случаите на Специјалното јавно обвинителство. Тој заврши во притвор токму за случајот „Триста“, кога по изрекувањето на пресудата обвинителката Фатиме Фетаи побара, а судечкиот совет на чело со судијката Кацарска му одреди притвор.
Освен за набавката на возилата, Кацарска го осуди Поповски на шест и пол години затвор за набавката на луксузниот „мерцедес“, случај во кој беше осуден и поранешниот премиер Никола Груевски. Поповски уште пред правосилноста на пресудата побара да ја издржува затворската казна во затворот „Идризово“. Оттаму минатата недела тој бил префрлен во притворското одделение во затворот во Шутка. Во јавноста остана запаметена изјавата на Поповски кој во Апелацискиот суд на судиите им порача „не можете по магарето, па удрете по самарот“.
Тој во својата одбрана во случајот „Триста“ кажа дека не е виновен и оти постапката што се води против него сериозно влијаела на неговото здравје. Рече и дека во изминатиот период се соочил со многу закани, уцени и притисоци, но не прецизира од кого. Се пожали и дека му бил даден отказ од МВР во, како што наведе, сомнителна дисциплинска постапка.
На Поповски во случајот „Тенк“ му се судеше заедно со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и со поранешниот премиер. На Јанкулоска ѝ се судеше во одвоена постапка бидејќи стана мајка и пресудата за неа сè уште не е правосилна, а поранешниот премиер, кој беше осуден на две години затвор, избега.
Ова е втора пресуда во случаите што ги води Специјалното јавно обвинителството која паѓа пред Апелацискиот суд. Второстепениот суд во мај минатата година ја укина пресудата за случајот „Тврдина 2“, во кој во отсуство беше осуден поранешниот началник во Петтата управа, Горан Грујевски. Апелација утврди дека не биле исполнети законските услови за судење во отсуство на Грујевски.
Во случајот „Тврдина 2“, првообвинет е ексначалникот на Петтата управа, Горан Грујовски, и шест вработени во УБК. На обвинетите им се суди за фалсификување службена исправа и за уништување службена документација поврзано со незаконското прислушување. Документацијата е поврзана со двата система за нелегално прислушување што, според СЈО, биле уништени во текот на 2014 година.
Сепак, Специјалното јавно обвинителство укинувањето на пресудата за „Тврдина 2“ не го доживеа како пораз и тогаш порачаа дека била укината поради технички пропуст или грешка, но не и поради суштествен пропуст во обвинението. За укинувањето на пресудата за случајот „Триста“ СЈО ќе се произнесе откако ќе ја добие, а коментар нема ниту од судијката Кацарска која ја водеше постапката. Таа вели дека не може да ја коментира бидејќи се уште ја нема добиено.

Фросина Факова-Серафиновиќ