Политиката ќе одлучи кој ќе биде амнестиран

Собраниско тело за помирување за упадот во Собрание ќе го подготвува Законот за амнестија, што судот и обвинителството ќе мора да го почитуваат.

Иако во судот и пред јавноста и натаму се читаат пораки на учесниците кои се обвинети во крвавиот четврток и трае судскиот процес, премиерот Зоран Заев најави амнестија за дел од учесниците што биле ненасилни. Со оваа изјава Заев тврди дека не прави притисок ниту врз судот ниту врз обвинителството, и не го поткопува владеењето на правото бидејќи амнестијата би се донела во Собранието.

Ниту судијката Добрила Кацарска, која го води овој судски процес, и обвинителката Вилма Русковска оваа изјава на премиерот не ја сфаќаат како притисок врз нив.

„Никој не ми се јавил да го побара од мене тоа. Доколку ми се јави некој со такво барање, е тогаш веќе може да се зборува за притисок. Политичарите нека си ја работат својата работа. Очекувам премиерот да се држи до зборот дека на памет не му паѓа да се меша во работата на судот и обвинителството“, вели Русковска за „Независен“.

Судијката Кацарска е децидна дека никој не може да врши притисок врз неа и да ѝ кажува како да суди, но сепак вели дека судот е должен да ги почитува законите што ги носи парламентот.

„Судот не амнестира, судот не носи Закон за амнестија. Парламентот ги носи законите. Ако парламентот донесе таков закон, судот е должен да го почитува. Во јавноста не треба да постои дилема дека некој би можел да изврши притисок врз мене. Никој досега, во мојата 32-годишна судска кариера, не се ни обидел да изврши притисок врз мене и никој не може да влијае на мојот начин на работа. Нема сила и нема човек во Македонија што би можел да влијае на моето одлучување. Јас судам единствено според законот. Ако има докази против некого, ќе биде осуден, ако нема докази, ќе биде ослободен“, ни изјави Кацарска.

Откако Заев од собраниска говорница повика на помирување за настаните од 27 април и тврдеше дека тоа не значи амнестија, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат тој сепак најави дека ќе се носи закон за амнестија и дека е подготвен да им прости на сите оние што директно не учествувале во насилството и не биле дел од организаторите на случувања, по што се создаде дилема во јавноста – ќе одговара ли воопшто некој за нешто во државава.

„Сите што не учествувале во насилството и не биле дел од организаторите внатре, јас немам проблем преку нив да го направиме помирувањето и помилувањето. Тоа може да биде закон за амнестија, донесување одлука на парламентот во рамки на своите надлежности. Знам дека не сум подготвен да разговарам за учесниците во насилството, затоа што не сакам да оставам можност да се повтори нешто“, рече Заев.

Заев не кажа конкретно кој од обвинетите би можел да биде дел од евентуалната амнестија, но, според она што го кажа во интервјуто, јавноста заклучува дека тоа би биле пратениците што ги отворија вратите за толпата да влезе во Собрание и организаторите од „Заедничка Македонија“, но засега нема потврда за ова.

Првообвинети во овој случај се двајцата пратеници Крсто Мукоски и Сашо Василевски, кои ѝ ги отворија вратите на толпата за да влезе во Собрание, а тие заедно со нивниот колега Љубен Арнаудов беа пуштени од притвор непосредно пред гласањето за уставните измени и со нивните гласови Собранието обезбеди мнозинство за отворање на Уставот и почеток на имплементација на договорот од Преспа за менувањето на името Македонија.

Премиерот во интервјуто не кажа децидно дека овие пратеници ќе бидат амнестирани, но сепак ја релативизираше нивната одговорност велејќи дека точно е дека тие ги отвориле вратите, но тоа не значело дека треба некој да влезе и да изврши насилство. Тој негираше дека милост и слобода ќе добијат оние што ќе се испазарат со него, но призна дека разговара со луѓе.

„Нормално е дека разговарав со луѓе и нормално е да разговарам со луѓе, како да ги постигнеме нашите цели? Сум разговарал и продолжувам да разговарам, политичкиот процес е моја должност и морам да го обезбедам и јас ја носам одговорноста“, вели Заев.

Токму одговорноста за 27 април е еден од условите што ги постави Европа за Македонија да почнат преговорите за членство. Но Заев е убеден дека и најголемите скептици за влезот на Македонија во Европа – Холандија и Франција, нема да видат невладеење на правото и дека со тој чин нема да има мешање во правосудството.

„Франција и Холандија нема да ни простат ако има мешање во правосудството бидејќи така се поткопува принципот на владеење на правото. Парламентот е институција во државата, има свои права по Устав и по закон, Владата има свои права, општините имаат свои права“, рече Заев.

Евентуалната амнестија ќе биде долг процес, но извесно е дека овој случај ќе резултира со селективна правда, односно со делумна одговорност. За парламентарното мнозинството законот за амнестија на ВМРО-ДПМНЕ кој неодамна го поднесе до Собранието е неприфатлив бидејќи таму се бара амнестија за сите кои учествувале во крвавиот четврток.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не отстапуваат од законот што веќе го поднеле во парламентот. Додаваат дека нема да прифатат закон за амнестија со кој ќе има селективна правда за настаните од 27 април.

„Тоа што Зоран Заев сега го кажува не е поразлично од тоа што го рече прво, па потоа се правдаше дека не споменал амнестија, а сето во функција на изгласување на антидржавните политики. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен – во една демократска држава, каква што Република Македонија не е со доаѓањето на власт на СДСМ и Зоран Заев, не смее да има селективна правда“, велат од опозициската партија.

Една од пораките на обвинетиот Игор Југ, која беше прочитана во судот, ја отсликува целата ситуација.

„Тие што ме пратија во Собрание, тие и ме осудија. Тие што им вршев нивни работи цел живот ме гонат. Ние по домови, по затвори и бегства, а куртони во фотелја“, пишува Југ во една од своите пораки.

Фросина Факова – Серафиновиќ