Инспекторатот постапувал и по пријави за агенцијата „Одмори се“


Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) постапил по пријави на граѓани за агенцијата „Одмори се“ во сопственост на Ненад Марковски. Во случајот на двете студентки и аранжманот за Истанбул, пријавата е упатена за „Одмори се“, но ним им било побарано парите да ги уплатат на жиро-сметка, која подоцна „Независен весник“ откри дека е на ТА „Одмори“, која е во сопственост на сестрата на Ненад, Тања Марковска.

– Комуникацијата со „Одмори се“ била исклучиво по телефон, а плаќањето е извршено на жиро-сметка од друга агенција. Тие можеби биле во некаков однос, но не е уплатено таму каде што требало. Ние сме во тек со случајот и ќе најдеме разрешница, меѓутоа, во некои случаи грешките ги прават и самите корисници – вели директорот на ДПИ Стојко Пауновски и додава дека за случајот со патниците за нереализирана тура во Рим од минатата година не е детално запознаен.

Пауновски потсетува дека имаат предупредување на нивната веб-страница граѓаните да внимаваат со онлајн-продажбите, оти во моментов Пазарниот инспекторат ниту има средства, ниту начин, ниту обучени инспектори што можат да ги гледаат сите тие онлајн-продажби.

Околу агенциите на Марковски, станува збор за повеќе фирми со слично име, поради што запрашавме дали ќе се повикаат и другите надлежни институции да го разгледаат случајот.

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека ќе постапат во согласност со сите закони што им се на располагање, но и дека оваа проблематика е предвидена во новото законско решение.

– Нема да им дозволиме на компаниите што ќе добиваат казни да го менуваат името или да регистрираат нови фирми со слично име и повторно да бараат лиценцирање – рече Бектеши.

Прашање дали постапуваат за вакви случаи по допрен глас, испративме и до Јавното обвинителство.
„Јавното обвинителство ги следи случувањата и објавите за кои прашувате, при што доколку утврди постоење на елементи на сторено кривично дело ќе постапи согласно законските надлежности. Воедно, согласно законот, секој што има сознанија за евентуално сторено кривично дело може истото да го пријави заедно со доказите што ги поседува“, ни одговорија од Јавното обвинителство.

Ивана Настеска