ОЈО отвора истрага за бегството на Груевски

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) соопшти дека почнало предистражна постапка, поради сомневање дека некои службени лица злоупотребувајќи ја службената положба му овозможиле на Никола Груевски да избега од Македонија.

Обвинителството вели дека одлуката за отворање на предметот е донесена „следејќи ги информациите во врска со бегството на осудениот Н.Г., како и написите на медиумите и интересот на јавноста“.

„Во врска со настанот постојат основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службената положба и овластување, му овозможиле на осудениот нелегално да ја напушти Македонија. Предметот е доделен на надлежен обвинител и во рамки на предистражната постапка  издадени се Наредби за прибирање податоци поврзани со настанот“, се вели во соопштението.​

Во МВР веќе започна постапка за да се утврди дали полициски службеници му помогнале на Груевски при бегството.

„Одделот за внатрешна контрола во МВР проверува можна инволвираност на полициски службеници во бегството на Груевски, а Секторот за внатрешна контрола во Скопје го утврдува начинот на бегство како и евентуалните помагатели“ рече портпаролот на Влада Миле Бошњаковски.