ОТА на местото на УБК

Управата за безбедност и контраразузнавање, Царинската управа, Финансиската полиција, Агенцијата за разузнавање за воена безбедност и разузнавање во Министерството за одбрана ја губат привилегијата да ги прислушуваат граѓаните преку мобилните оператори. Таа можност ексклузивно ќе ѝ припадне на новата оперативно-техничка агенција (ОТА), која ќе се формира со договор меѓу политичките партии во земјава.

Ова е најбитната новост предвидена со предложените законски решенија што денеска влегуваат во собраниска процедура. Станува збор за реформите во безбедносните и разузнавачките служби според итните реформски приоритети зацртани во извештајот на европскиот експерт Рајнхарт Прибе. Експертите што ги консултиравме велат дека по скандалот со т.н. „бомби“ било апсолутно потребно да се регулира сферата со прислушување, но стравуваат оти и натаму ќе има реални шанси за злоупотреби.

Новата агенција ќе биде сместена во просториите на Министерството за внатрешни работи и ќе ја преземе опремата на УБК. Ќе раководи со уредите преку кои се вклучува, управува и исклучува сигналот за следење на комуникациите, односно уредите преку кои се овозможува пристапот на органите до податоците од мобилните оператори и целата техничка координација за следењето на комуникациите. Мобилните оператори што фигурираат во земјава ќе бидат должни да дадат пристап до софтверот кога ќе добијат налог од Основното јавно обвинителство. Се очекува во ОТА да бидат распоредени најискусните и најобучени професионалци во МВР, иако не се исклучува можноста за партиски решенија, имајќи предвид дека ќе мора да има договор меѓу партиите.

Изминатите години во УБК се вработуваа луѓе што не се воопшто обучени за таква сериозна работа, дури и балетани и учители. Затоа и се случуваа такви скандали со прислушувањето. Сега не смее да се дозволи МВР да стане место каде што ќе се згрижуваат партиски кадри“, тврдат вработени во Управата.

Што се однесува до слабостите на новите законски мерки, се вели дека ОТА ќе стане сериозен центар на моќ, а таму каде што има моќ – има и злоупотреби.

Некои работи не се добро осмислени: на пример, обвинителот што ќе даде наредба за спроведување посебни истражни мерки е правник, односно не е обучен да раководи со комплициран процес како што е прислушувањето, па затоа треба да се размислува да му биде доделен експертски тим. Понатаму, една работа е техниката, а друга човечкиот фактор, при што злоупотреби се можни кај двете страни: и кај тие што ќе го вршат прислушувањето (припадниците на МВР), но и кај вработени во мобилните оператори, оти и тие ќе добијат пристап до разговорите, па можат да ги даваат или продаваат, да уценуваат… На крајот, прашање е кога реално ќе заврши прислушувањето, дали само додека траат ПИ-мерките, бидејќи кога Агенцијата или поединци еднаш ќе добијат пристап до софтверот на мобилниот оператор, постои опасност никогаш и да не се ‘симнат’“, предупредуваат разузнавачите.

Со новиот предлог-закон за следење на комуникациите предвидено е контролата, покрај досегашната собраниска комисија, да ја вршат четири други институции, меѓу кои и совет за граѓанска контрола. Искуствата покажуваат дека телата за контрола се само декор бидејќи де факто прислушувањето не го контролира никој.

Во зависност од софистицираноста на опремата со која располагаат службите, како и на бројот на оперативците, зависи колкав голем број комуникации ќе се следат истовремено. Се оперира со неофицијална бројка од 50.000 разговори во минута.

Со порастот на организираниот криминал и тероризмот кон крајот од минатиот век, се појави и организираното следење електронски комуникации. Државите обезбедуваат големи финансии за формирање посебни служби и креирање опрема за прислушување, но паралелно со нив и комерцијалните компании, како и хакерите изработуваат вакви средства, кои ги продаваат на сите што се способни да платат. На овој начин моќта влезе во сива зона. Генерално, објаснуваат разузнавачите, следењето електронски комуникации се дели на две групи, легално и нелегално, а има два начина: преку сателитите, што е својствено само за мал број земји, и преку мобилните оператори, како што е случајот кај нас. Штом се добие судска наредба за следење на одредено лице осомничено дека е сторител на незаконски дела, безбедносните служби бараат од мобилните оператори да им овозможат пристап до софтверот. Мобилните оператори се изземени од каква било одговорност и не можат да одговараат за соучесништво.

Во земјава легална софистицирана опрема за прислушување и следење поседуваат МВР, поточно Управата за безбедност и контраразузнавање, Агенцијата за разузнавање, која е под ингеренции на претседателот на Македонија и Воената служба, која по Устав е во надлежност исто така на шефот на државата како врховен командант. Барање до судот за донесување наредба за следење на комуникациите може да поднесе надлежниот јавен обвинител, Управата за финансиска полиција и Царинската управа, за разлика од пред неколку години, кога тоа беше ексклузивно право на овластено лице од министерот за внатрешни работи. Доколку се добие согласност, се определува времетраењето на примената на посебните истражни мерки, но не подолго од 14 месеци. Експертите велат дека најдобро чувана тајна е информацијата со каква опрема за прислушување и следење располагаат безбедносните служби. Тоа, тврдат тие, го знаат само вработените во Петтата управа.

Горан Адамовски