Опозицијата бојкотира, договорот си врви: По ратификацијата – забрзување на евроинтеграцијата

До крајот на оваа седмица се очекува грчката влада да го испрати известувањето до ЕУ и до НАТО дека дава поддршка за нашата земја да почне преговори со ЕУ и да добие покана за членство во НАТО. Претходно, македонската влада треба да испрати писмо до Атина со кое ќе извести дека македонскиот парламент го ратификувал договорот за името што беше потпишан во Преспа.

За да се завршат овие обврски, нема да се чека претседателот Ѓорге Иванов да го потпише договорот за името, со оглед на тоа што и во него се бара само ратификација во парламентот, а не и објавување на ратификацијата во „Службен весник“. Постапката околу стапување на сила на ратификацијата ќе тече според предвидените законски рокови и процедури, но во случајов битна е политичката волја што ќе ја покаже парламентот за потврдување на договорот што го потпишаа владите на двете земји.

Ваквиот развој на настаните е многу извесен со оглед на вчерашните најави дека законот за ратификација на договорот со Грција веројатно ќе биде изгласан најдоцна денеска, наспроти првичните проценки на спикерот Талат Џафери дека целата процедура ќе заврши до петок. Но, наспроти очекувањата дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја растегнуваат дискусијата за договорот, нивната вчерашна најава дека го напуштаат парламентот, всушност, отвори простор за мошне брза ратификација на конечната спогодба за името.

Ако сѐ тече според планираното, уште во почетокот на следната седмица би се знаело каков ќе биде заклучокот за Македонија на претстојниот европски самит во Брисел, иако добивањето почеток на преговори станува сѐ поизвесно. Поточно, в понеделник и во вторник ќе заседава Министерскиот совет на ЕУ кој треба да ги подготви заклучоците што потоа би биле потврдени на самитот на Европскиот совет на 28 и на 29 јуни.
Дека треба да се стигнат роковите пред Европскиот совет потврди вчера и шефот на дипломатијата Никола Димитров во парламентот. Тој напомена дека овој предлог-закон е предвиден како дел од националната програма за усвојување на правото на ЕУ во рамки на политичките критериуми, поточно во делот на регионалната соработка и меѓународните обврски.

Шефот на дипломатијата потсети дека Грција, согласно договорот, по неговото ратификување во македонскиот парламент, има обврска да го извести претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, дека дава поддршка за почеток на членството во ЕУ и да го извести генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, дека ја поддржува поканата за Алијансата.

– Јунскиот совет е пред нас, министрите за надворешни работи на земјите членки ќе заседаваат на 25 и 26 јуни, а самитот е на 28 јуни. Овие датуми се клучни за европската перспектива на нашата земја и зависат од ратификацијата на договорот. За да ги испорачаме овие резултати предлагаме Собранието да одлучи законот да се донесе по скратена постапка. Со ратификацијата се отвора можноста граѓаните да се изјаснат за својата иднина на есенскиот референдум – рече Димитров.

Почетокот на седницата за ратификацијата навестуваше бурна и долга расправа од страна на опозиционерите, кои довикуваа од место и удира по масите, додека се утврдуваше потребата од донесување на законот (за што гласаа 69 од присутните, а 40 беа против) и се гласаше за дневниот ред. Но потоа, додека се чекаше да биде закажана седницата на Комисијата за европски прашања – каде што се „пресели“ договорот откако Владата го одбележа со европско знаме (наместо да оди во Комисијата за надворешна политика), ВМРО-ДПМНЕ објави дека го напушта парламентот. Од пратеничката група на партијата не соопштија дали бојкотот се однесува само на тековната седница или ќе продолжи и во наредниот период, туку рекоа дека одлука за тоа ќе донесат партиските органи. Сепак, според неофицијалните информации, најверојатно станува збор за „инстант-бојкот“ на ВМРО-ДПМНЕ, која и така се врати во парламентот пред два и пол месеци за да учествува во реформската агенда на Владата, а по речиси полугодишниот бојкот за апсењата за настаните на 27 април.

И покрај протестите пред собраниската зграда и мошне остриот вокабулар на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој рече дека договорот со Грција е антиуставен, национално понижувачки и дека претставува уцена за ослободителната пресуда за „Поткуп“, опозицијата, всушност, го олесни патот за ратификација на договорот со одлуката за напуштање на Собранието.

Со ратификацијата на преспанскиот договор, кон средината на следниот месец се отвора патот на Македонија да добие покана за членство во НАТО, на самитот во Брисел – и тоа точно една деценија по самитот во Букурешт на кој земјава се соочи со „вето“ од Грција. Како што е предвидено со конечната спогодба за името, поддршката на Грција за Македонија да добие покана за влез во Алијансата е условена – прво со исходот од референдумот, а потоа и со целосното усвојување амандмани на Уставот. Грција ќе го ратификува протоколот за пристапување на Македонија во НАТО по завршувањето на референдумот со, како што е наведено, исход кој е конзистентен на договорот и по усвојувањето на амандманите на Уставот.
Александра М. Митевска