Објавена поетска книга од Милан Јазбец

Во издание на „Матица македонска“ од Скопје и „Заложба Форма 7“ од Љубљана, на словенечки и на македонски јазик излезе од печат поетската книга „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ од актуелниот словенечки амбасадор во Република Македонија Милан Јазбец.

Стиховите се објавени двојазично: на словенечки и на македонски јазик во препев на Викторија Блажевска и Соња Должан.

– Песните на Милан Јазбец извираат од една љубов. А, таа љубов може да се сфати како љубов кон саканата, кон предците и потомците, кон татковината, констатира Раде Силјан во препораката на ова издание.

Милан Јазбец (1956) спаѓа во редот на познатите словенечки интелектуалци. Автор е на триесет и шест книги од повеќе области. Неговите публицистички и научни трудови за дипломатијата се изучуваат на универзитетите во Словенија, а делото посветено на Мартин Крпан се вреднува меѓу уникатните научни толкувања. Книги од овој автор се објавени на руски, турски, албански, германски и арапски јазик.