Нов закон со ригорозни глоби: 5.000 евра казна за тој што ќе дискриминира

Вкупно 5.000 евра наместо досегашните 1.000 евра ќе треба да плати правно лице (институција, општина, училиште, градинка…) доколку направи потежок облик на дискриминација кон граѓанин. За најмалку шест пати се зголемува и казната за функционерот во правното лице – наместо од 80 до 120 евра, како сега, во иднина казната ќе биде од 700 до 1.500 евра.

Казните се за оние што ќе спречат или ограничат едно лице или група да ужива исти права како останатите. Ќе се однесува и на оневозможување пристап за граѓани со хендикеп, но и на оневозможување достапност до услуги кои би требало да бидат исти за сите.

Повисоки глоби има и за физички лица – од 400 до 800 евра ќе треба да плати граѓанин за кој ќе се утврди дека со некој постапил понеповолно во споредба со друг, или направил вознемирување, виктимизација или сегрегација на едно лице или на група лица. Досегашните казни за истото дело беа минимални и се движеа меѓу 70 и 110 евра.

Вакви парични казни, поригорозни во споредба со досегашните, влегоа во новиот предлог-закон за спречување и заштита од дискриминација, што Владата вчера го поднесе до Собранието. Со него ќе има и други новини: сексуалната ориентација и родовиот идентитет првпат се воведуваат како основи за дискриминација. Се вметнуваат нови термини, меѓу кои „лице со попреченост“, „соодветно приспособување“ и „пристапност до инфраструктурата, добрата и услугите“. Понатаму, се додава нов облик на дискриминација – сегрегација, како и инструкција за дискриминација.

Ова се дел од новините кои во Македонија првпат се воведуваат со цел граѓани да можат да се заштитат од некој облик на дискриминација. Истовремено, се заоструваат и паричните казни за дискриминаторите. Лицата што ќе поведат постапка за заштита од дискриминација, ќе бидат ослободени од трошоци за судските постапки.

– На овој начин се доближуваме до меѓународните стандарди, усвоени од страна на ОН и Европската Унија, а нашите граѓани добиваат соодветна правна заштита и општество кое ги негува различностите и овозможува услови за развој за сите. Остануваме посветени на зајакнување на владеењето на правото и унапредување на квалитетот на животот за сите, а преговорите за членство во ЕУ ќе ни дадат дополнителна енергија и поддршка за тие реформи – вели министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, од чиј ресор излезе предлогот.

Ќе има измени и во критериумите според кои ќе се формира Комисијата за заштита од дискриминација. Новите членови ќе треба да бидат професионалци. Наместо пет години искуство во заштита на човековите права, сега ќе требаат да имаат по седум години искуство. Се воведува неспоивост на партиска функција со работа во Комисијата. Во претходниот состав на Комисијата за членови беа избрани личности блиски до тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ и имиња за кои нема податоци дека биле активни во сферата на заштитата на човековите права. Сега, во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека новиот закон има само козметички измени и ја обвинија Царовска дека сака да ја партизира и да ја контролира Комисијата.

С.С.З.