Никола Тодоров за „Независен“: Ме исклучија, а не знаеја зошто

Никола Тодоров никогаш не работел спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ, иако за тоа го товарат од партијата од која беше исклучен во вторникот. Точната причина за исклучувањето, како што вели, не ја знаеле ниту сопартијците во општинскиот комитет. Од политичката функција се повлекол бидејќи имал несогласувања како треба да се структурира партијата во иднина. Лоша опција за него е тоа што ВМРО-ДПМНЕ го бојкотираше референдумот. За изјавата на премиерот Зоран Заев за помирување, почнувајќи од настаните од 27 април во Собранието, смета дека треба да се прифати, а со тоа да се овозможи поделеното македонското национално ткиво да се обедини. Чудно му е зошто Христијан Мицкоски пред неколку дена даде предлог да се амнестираат сите учесници од „црниот четврток“, а ваквиот предлог изнесен претходно од Јанчев не го прифатил.

Присуствувавте на седницата на дисциплинската комисија на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош. Кои факти ги изнесовте и што ви образложија, зошто ве исклучија од партијата?

Благодарен сум им на моите сопартијци што ме повикаа и ми овозможија да ја кажам мојата вистина, односно да ја слушнат и мојата страна, да не биде еднострано тоа што се случуваше. Она што ме изненади многу е што ме товарат дека сум работел спротивно на интересите на партијата. Кога прашав што е тоа што сум го правел, одговорот беше – тоа не знаеме ние, прашај во централата! Комисијата што беше формирана требаше само да крене рака и да ме исклучи од партија по налог на раководството. Без факти, без аргументи.

Во секој случај, јас имав можност да ги кажам моите аргументи, а тоа е дека никогаш не сум работел спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ, секогаш останував во ВМРО-ДПМНЕ, не сум бил во друга партија и нема да бидам. Она што е добро е што имав можност да направам ретроспектива на целото мое дејствување во ВМРО-ДПМНЕ во овие активни 15 години што ги имам поминато таму и каде што имам работено на многу изборни циклуси. Најинтересниот дел беше што луѓето кои требаше да ме исклучат не знаеја зошто ме исклучуваат. Секогаш сум дејствувал и ќе дејствувам во рамки на интересите на партијата. Според мене, интерес на ВМРО-ДПМНЕ е остварување на стратегиските цели на партијата, а една од клучните е рамноправно членство на Македонија во ЕУ и НАТО.

Бевте меѓу првите луѓе во претходното раководство ВМРО-ДПМНЕ и во претходната влада. Зошто најпрво сам се „исклучивте“, односно се повлековте од политиката и од пратеничката функција, а пред референдумот излеговте во јавноста со став дека ќе гласате „за“ ЕУ и НАТО, а „против“ договорот?

– Решив да се повлечам од политиката и да се фокусирам на мојата професија, адвокатурата, и на семејството. Тоа го најавив многу одамна во партијата. Неколку месеци пред да го направам тој чекор најавив дека е доста од политика, дека се повлекувам. Тоа што се случи после, на 27 април, беше катастрофален ден и за Македонија и за ВМРО-ДПМНЕ, како и генерално за граѓаните на државата. Се повлеков комплетно и од парламентот и од политиката. Потоа, имав многу непријатна животна сцена, која исто така сериозно влијаеше во правец на тоа комплетно да се повлечам од политиката.

Околу целата оваа дискусија за членството на Македонија во ЕУ и НАТО преку имплементација на договорот од Преспа сметав и сметам дека многу поисправно ќе беше ВМРО-ДПМНЕ да излезеше на референдумот и да гласаше со таканаречено протестно гласање. На тој начин ќе докажеше и ќе покажеше дека ВМРО-ДПМНЕ е „за“ ЕУ и НАТО, а не е против тоа, и дека се противи на начинот на кој е склучен тој договорот или некои делови од него. Тоа јавно го образложив, кажав дека какво и да биде решението ќе мора народот на референдум да се изјасни за ова прашање. По повеќе такви изјави, да излезам и да речам не треба народот да се изјаснува на референдум за ова прашање, ќе беше сериозна неконзистентност од моја страна, а конзистентноста е многу значајна не само во политиката, туку и во животот. Имајќи ги предвид овие факти, особено стравот дека ВМРО-ДПМНЕ сè повеќе и повеќе ќе тоне во изолација, сметав дека бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ е лоша опција. За жал, тоа се случи.

Се повлеков од политичката функција и поради тоа што имав некои несогласувања како треба да се структурира партијата во иднина што ги споделив со јавноста во статус на Фејсбук, кога кажав како треба да изгледа мојата ВМРО-ДПМНЕ и како да биде организирана. Тоа се сериозни, а не козметички промени во Статутот на партијата кои ќе овозможат нејзина сериозна демократизација и ВМРО-ДПМНЕ да стане европска, модерна, десноцентристичка народна партија. Партија во која искрено членуваат македонски родољуби, интелектуалци, работници, домаќини луѓе, народот. Во мојата ВМРО-ДПМНЕ претседателот на партијата е со ограничен мандат, не повеќе од 8 години, односно два мандата. Унијата на жени е почитувана организација која обезбедува целосна рамноправност помеѓу мажите и жените во управувањето со партијата со најмалку 40 отсто учество на сите нивоа на управување. Општинските комитети самите ги избираат делегатите бидејќи е нелогично и недемократски нив да ги поставува претседателот на партијата, а тие потоа да го избираат него. Во мојата ВМРО-ДПМНЕ, Унијата на млади сили има најмалку три претставници во извршниот комитет и е евроатлантски ориентирана.

По исклучувањата што деновиве се случија во ВМРО-ДПМНЕ, има ли простор за формирање нова политичка партија на македонската сцена?- Се плашам дека ВМРО-ДПМНЕ со ваквиот тип политика што ја промовира раководството остави простор за формирање на една или, пак, повеќе нови партии што ќе се позиционираат лево и десно од неа, но и кои би можеле да заземат еден дел или сегмент што го покрива ВМРО-ДПМНЕ како партија. Се плашам од тоа, затоа што секогаш сум и мислел добро на ВМРО-ДПМНЕ и секогаш ќе и мислам добро. Затоа се плашам тоа да не се случи.

Дали поддржувате амнестија за сите учесници во случувањата на 27 април во Собрание, како што побара ВМРО-ДПМНЕ?

– Ја слушнав изјавата на премиерот Зоран Заев во тој правец и сметам дека тоа е многу доблесно. Тој е тој што може да прости. Ако тој простува, ако тој подава рака, мислам дека таа рака треба да се прифати, да се прости, да се овозможи поделеното македонско национално ткиво да се обедини. Се плашам дека македонското национално ткиво е поделено до тој степен како да станува збор за два различни спротивставени народи, и тоа е она што нè боли. Во тој правец, ние мораме да направиме сè што можеме да дојде до национално помирување. Прво помеѓу Македонците, а потоа помеѓу Македонците и сите останати заедници што живеат во Македонија. Затоа што Македонија не може да продолжи на овој начин, таа мора да се обедини. Не може брат да тргне против брат, што брат на брат крена рака. Страшно беше тоа што се случи на 27 април. Страшно е тоа што го гледаме во медиумите, страшна е онаа поларизација до крајни граници што ја има во општеството, тоа не смее да продолжи. Таа подадена рака од страна на премиерот треба да се прифати и да се стави тоа на страна, да се реши, да остане еден лош историски момент што се случил и што ја довел во опасност егзистенцијата на Македонија. Да се прости, но и да се направат механизми да не се повтори. Најпрв амнестија за сите учесници побара Митко Јанчев. Зошто тогаш Мицкоски не го прифати тоа, туку по неколку дена излегува со изјава, сите да бидат амнестирани од 27 април?

Вероника Мароска-Леова

Фото: Борис Грданоски