Неславен епилог на една политичко-правна драма: Азил или резил?

Главниот лик во проектот на поранешната опозиција наречен „Вистината за Македонија“ – Никола Груевски ѝ избега на правдата. Тој тврди дека ја напуштил државата – со пратенички мандат, докторска титула, правосилна пресуда за двегодишна затворска казна и со уште неколку обвиненија и истраги што Специјалното јавно обвинителство ги води против него.
Уште на стартот на „бомбите“ почна да се наѕира неславниот епилог на политичката кариера на Груевски, кој, во меѓувреме, беше принуден да се повлече од премиерската, а подоцна и од лидерската функција во ВМРО-ДПМНЕ. Но, во екот на правната разврска на случаите што произлегоа од прислушувањето, тој сепак успеа да избегне извршување на првата правосилна пресуда што му е изречена. За другите судски случаи, пак, што се водат против него, како „Титаник“, „Шамари во Центар“, „Траекторија“… ќе треба да му се суди во отсуство, доколку дотогаш не биде достапен за органите на прогонот.
Премиерот Зоран Заев вчера до пладне не беше убеден дека поранешниот премиер ја напуштил државата.
– Не знаеме дали се работи за бегство или не. Треба да го утврдиме тоа, да констатираме дека Груевски е надвор од државата – изјави Заев.
Тој повтори дека власта нема намера да се меша во правосудниот систем и апелира институциите да се остават да си ја завршат работата.
– Полицијата немаше никакво право без упатен акт да ја попречи слободата на Груевски, ниту да му се доближи, да го следи или нешто да применува. За тоа мора да постојат судски наредби, одговори премиерот на прашање каде ја лоцира одговорноста за тоа што Груевски не беше најден за да биде предаден да ја издржува затворската казна во затворот во Шутка. Според него, не може да се каже кој е одговорен зашто сите институции постапувале како што се постапувало досега.
Вицепремиерката Радмила Шекеринска посочи кон судот, како најодговорен, бидејќи не одредил притвор за Груевски истакнувајќи дека таква мерка се изрекува и за многу поситни дела од оние за кои се товарат одредени лица, меѓу кои и Груевски.
– Одредени судски инстанции одредуваат притвор и за многу поситни дела, а по прашањето за „бомбите“ и сите овие злоупотреби, тешко се одлучуваат за притвор. Не можеме како Влада да се мешаме во судската власт. Со право ќе бевме критикувани ако МВР реагираше пред да има официјален налог. Сега треба судството да истражи. Зошто за овие лица тешко одредуваа притвор, а веќе им избегаа одредени луѓе и зошто им требаше три дена за налогот од суд да стигне во МВР – вели министерката за одбрана.
Минатиот петок институциите во земјава донесоа две одлуки поврзани со Груевски, како правосилно осуден за предметот „Тенк“. Прво, Собранието реши тој да остане на пратеничката функција, со тоа што не беше обезбедено двотретинско мнозинство за одземање на неговиот мандат. Затоа, пак, одлуката на судот не беше поволна за Груевски. Судија за извршување санкции ги отфрли и последните можни жалби и барања на неговите адвокати за одложување на затворската казна.
Вчера, на почетокот на тековната собраниска седница, спикерот Талат Џафери го прочита името на Груевски како еден од оправдано отсутните пратеници. Такво известување, како што е и практика во законодавниот дом, добил од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Но за време на редовната пауза во парламентот, Груевски објави дека се наоѓа во Будимпешта. Јавната објава на Груевски дека не е во земјава, според Џафери, треба да биде причина за преиспитување на неговите отсуства, односно дали поранешниот премиер може и натаму да се пријавува како оправдано отсутен. Џафери најави вонредна координација со потпретседателите на парламентот и со координаторите на пратеничките групи за разгледување на статусот на Груевски како пратеник.
– Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го пријавуваше досега Груевски како отсутен од седниците, што се смета како оправдано отсуство. Таков допис добив и пред почетокот на оваа седница. Но, откако Груевски објави дека е во бегство, имаме нова ситуација. Нелогично е тој и натаму да се третира како оправдано отсутен и да ги најавува отсуствата во неговата пратеничка група кога самиот објави дека не е во државата туку во бегство – ни изјави Џафери.
Тој посочи дека прописите што се однесуваат на работата на парламентот не третираат ваква ситуација, ама дека може да се најдат механизми за поинаку да се регулира статусот на пратеник кој не учествува во работата на законодавниот дом. Џафери вели дека не може самостојно да донесе одлука за тоа и затоа ќе побрза да свика координација за прашањето со отсуствата на Груевски да се регулира пред почетокот на првата идна седница.
Откако парламентот не изгласа одземање на пратеничкиот мандат на Груевски, се отвори можност поранешниот премиер да замине во затвор, но и понатаму да има статус на пратеник и да зема цела плата од парламентот, со тоа што пратеничката група ќе ги пријавува неговите отсуства како оправдани. Професорката Мирјана Најчевска смета дека мандатот на Груевски во Собранието треба да му престане за казна затвор над шест месеци.
– Ако постои двоумење, Собранието треба преку толкување на Деловникот да одреди дека мандатот му е ништовен. Сè останато е работа на полицијата и судот, кои навистина се мајтапат со нас. Мислам дека сепак имаат склучено договор што сега го спроведуваат. Сè што можеа, а не направија досега е знак дека тие сакаа да побегне“, вели Најчевска во изјава за „Цивилмедиа“.
Според Уставот, на пратеник му престанува мандатот по автоматизам кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одлуката за тоа се носи со двотретинско мнозинство. Собранискиот Деловник, пак, предвидува скалесто намалување на платата на пратеник кој подолго време во континуитет неоправдано отсуствува на комисиските и на собраниските седници. Според Деловникот, на пратеник кој отсуствува најмалку три пати едноподруго од седниците на Собранието, а за тоа не го известил претседателот на Собранието, му се одбиваат пет отсто од платата за секој ден отсуство, за што одлука носи Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Во случај, пак, кога пратеникот неоправдано отсуствувал од седниците на Собранието повеќе од шест месеци, претседателот на парламентот ја известува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, која поднесува предлог за одземање на мандатот.

Александра М. Митевска