Модриќ: Би ги менувал сите четири титули во ЛШ за Светското првенство
Лука Модриќ во финалниот меч на СП 2018 влегува како главен кандидат за најдобар играч на Мундијалот. Халфот на Реал Мадрид изјави дека без оглед на тоа што ќе се случи во финалето ова е најголемиот момент за хрватскиот спорт.
– Неверојатно е тоа што го прави овој тим, како игра и како се бори. Го заслуживме сето ова што ни се случува. Без оглед на тоа што се случува во финалето, ова е најголемиот момент за хрватскиот спорт и илјада пати низ главата ми поминувала слика кога го подигам трофејот. Се надевам дека ќе ми се оствари тој сон, изјави Модриќ за хрватските новинари во Москва пред финалето против Франција.
На прашањето дали би менувал трофеј од Лигата на шампионите за тој од Мундијалот, Хрватот вели: „Би го направил тоа. Би ги сменил сите четири за трофеи од Светското со Хрватска“.
Во однос на тоа дека е еден од кандидатите за „Златната топка“, Модриќ додаде не се оптоварува со ова прашање.
– Репрезентацијата е најважна за мене. Направивме неверојатно нешто со самиот пласман во финалето, рече Модриќ.