ММФ: Протекционистичките мерки на Трамп ќе и наштетат на американската економија


Меѓународниот монетарен фонд соопшти денеска дека протекционистичките мерки кои има намера да ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп ќе и наштетат на американската економија.

– Ограничувањата на увозот објавени од американскиот претседател ќе нанесат штета не само вон САД туку и на американската економија, меѓу кои индустријата и градежништвото, кои се големи потрошувачи на алуминиум и челик, соопшти ММФ.

Американскиот претседател Доналд Трамп објави на Твитер дека „трговските војни се добри и лесно се добиваат“.

Трамп вчера рече дека од идната недела САД ќе воведат царини од 25 отсто за увоз на челик, а за алуминиум од 10 отсто за да се заштитат американските производители.

Од Белата куќа подоцна беше соопштено дека некои детали сепак, мора да се разгледаат.

– Кога државата (САД) губи многу милијарди долари во трговијата со речиси секоја држава со која работи, трговските војни се добри и лесно се добиваат, напиша Трамп на Твитер.

– На пример, кога губите 100 милијарди со некоја држава, а таа се прави паметна, немојте да тргувате повеќе со неа – многу добиваме. Тоа е барем лесно, пшишува во пораката.

Најавата за царини ги поттикна цените на акциите на американските производители на челик и алуминиум, па така акциите на Ју-Ес Стил поскапеа речиси шест отсто.

Како што објави претходно МИА; ЕУ „остро и пропорционално ќе реагира во одбрана на своите интереси“, изјави претседателот на ЕК Жан Клод Јункер. ЕК во следните денови ќе претстават предлог за противмерки за САД според правила на СТО.