Мијалков исклучен без можност да се брани

Општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ во скопските општини Центар и Карпош во само еден ден ги организираа процедурите потребни за исклучување од партијата на Сашо Мијалков и Никола Тодоров. Ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање воопшто не бил повикан да се брани, додека поранешниот министер за здравство, сепак, ќе добие шанса да образложи зошто одлуката на централниот комитет била избрзана и неисправна.

Партискиот статут предвидува дека откако кај нив ќе стигне барањето од централата и образложението зошто одредениот член мора да биде исклучен, односно кои му се „гревовите“, се состанува раководството на ОК, чиј член е „виновникот“. Вообичаено за скопските општини, станува збор за 25 до 30 лица, кои потоа одбираат петчлена дисциплинска комисија, чија задача е да пресуди „за“ или „против“ исклучувањето. Тие можат, но не мораат да го повикаат на сослушување „обвинетиот“.

Според информациите до кои што дојде „Независен весник“, процедурата во ОК Центар за Мијалков била извршена во еден ден. Во понеделникот вечерта, партискиот ЦК донесе одлука да го исклучи Мијалков поради вршење притисок и уцени врз пратениците да гласаат за уставните измени, во вторникот наутро барањето стигнало во огранокот, а веќе попладнето бил свикан состанок на „дисциплинците“.

Се утврди дека Сашо Мијалков на груб начин дејствува против програмските определби, целите и задачите на партијата, поради што е донесена мерка за исклучување од партијата“, велат од центарскиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ.

Било одлучено дека Мијалков нема потреба да присуствува, па одлуката е донесена во негово отсуство. Самиот „началник“ изјави дека со жалење ја примил одлуката за негово исклучување од партијата, чиј член бил од формирањето. Сепак, тој не побарал да даде своја одбрана пред „дисциплинците“, иако имал можност.

За разлика од него, Никола Тодоров инсистирал да биде повикан пред дисциплинската комисија во Карпош. Според него, членовите на комисијата имаат обврска да го ислушаат, да му ги предочат фактите и доказите, но и да ги слушнат неговите.

Ова е темелно начело на правдата и еднаквоста и немате право да ми го ускратите тоа. Затоа, барам да ме повикате на состанокот на ОК, па потоа да ја донесете одлуката. И во социјализмот и во комунизмот постоеше и се применуваше ова правило во сите случаи, освен кога стануваше збор за политички ликвидации и политички монтирани случаи. ВМРО се бореше против тоа и, за жал, самата беше жртва на таквите политички ликвидации и конструкции. Лошо и недозволиво е што и денес, во слободна, суверена, самостојна и демократска Македонија треба да се бориме истото. Но не е тешко, ништо не е тешко кога се бориш за татковината, ќе се изборам“, напиша вчера Тодоров на Фејсбук.

Нашите извори во ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош велат дека Тодоров, најверојатно, ќе биде повикан на состанокот, но оти делата што ги направил пред и по референдумот се неприфатливи, поради што ќе мора да сноси политичка одговорност во партијата. (Г.А.)