Мицкоски дочека да му се поклонат

Пред зградата на Македонскиот народен театар на кејот на Вардар се броеја последните минути пред 18 часот, за кога беше закажана свеченоста по повод 125-годишнината од формирањето на историското ВМРО. 23 Октомври е неработен ден за сите граѓани, но одамна е како именден на ВМРО-ДПМНЕ. А, во денови по гласањето во Собранието и чистката што следуваше во предвечерието на празникот, се чувствува поинаква атмосфера. Катарзата за едни, а поделбите за друго ќе се одразат и врз шареноликоста на гостите. Медиумите пребројуваат кој дошол да го чествува јубилејот, но уште поважно – кој со присуството ќе му даде поддршка на лидерот Христијан Мицкоски, а кој со недоаѓањето ќе покаже дека не се согласува со постапките на раководството.

Пристигнува професорот Владо Поповски, кој веројатно е единствениот поддржувач на партијата што не доби „заушка“ поради јавно изразениот став за поддршка на договорот со Грција. Тука е и еден основачите на ВМРО-ДПМНЕ, Мане Јаковлевски, како и Ѓорѓи Наумов. Пристигна и режисерот Љубиша Георгиевски. Со своите 81 година има мали проблеми со движењето, но е драг гостин за сите, се забележува тоа, помладите доаѓаат да го поздрават и да му посакаат здравје. Ексградоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, се појави во јавноста по подолго време.

Во салата гордо влегуваат двајцата пратеници што се обвинети за 27 април, а кои не гласаа за уставните измени: Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски од Социјалистичката партија. Покрај нив, присутни се и поголемиот дел од раситнетата пратеничка група на опозицијата. Координаторот Драган Данев, Антонио Милошоски, Ане Лашкоска, Влатко Ѓорчев, Горан Манојлоски, Крсто Јовановски… Но, ја нема Даниела Рангелова, која е и претседател на Унијата на жени, како и Илија Димовски, Трајко Вељаноски… Лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски е тука да даде поддршка, иако неговите сопартијци во парламентот го „предадоа“ ВМРО. На професорот Трајко Славевски, кој е потенцијален кандидат за претседател на државата, му честитаат за храбрите настапи изминатиов период. Тешко е кај присутните да се постави граница меѓу искреното воодушевување и тапкањето по рамо за да се стигне повисоко во хиерархијата.

Вниманието го крадат ексминистерката за култура Ганка Цветанова, која плени со својот стајлинг, и д-р Сашко Кедев. Цветанова особено беше активна деновиве прозивајќи ја нејзината наследничка – Елизабета Канческа-Милевска дали ќе гласа за преспанскиот договор. Се испостави дека е добро информирана.

Петнаесетина минути после 18 часот, започнува главната забава. Тивката џез-музика се стишува и ечи химната на ВМРО. Тоа е знак дека пристигнува претседателот Мицкоски. До него е елегантната сопруга Рози, а зад него потпретседателите Александар Николоски и Владо Мисајловски, како и генералниот секретар Игор Јанушев. Влегува во салата и почнува да се скандира неговото име. Уште неколкупати во првите минути пред да започне официјалниот дел од прославата. Тој ги крева рацете и им отпоздравува.

Салата со 700 столчиња е преполна. Тука се гости и поддржувачи на партијата од јавниот живот и медиумите, но главно се луѓе од извршниот и од централниот комитет, поставени по доаѓањето на Мицкоски. Покрај Сашо Мијалков и останатите исклучени, го нема ниту почесниот претседател Никола Груевски. Нема голем дел од основачите, поранешни министри, функционери, претседатели… Нема ниту еден виден претставник од дипломатскиот кор, како и од власта. Се добива впечаток дека Мицкоски игра сам наспроти другите.

Некој ќе рече сè е готово, сè пропадна, ама ништо не е готово, откажувањето не е опција. Владата веќе нема легитимитет, а денот кога и да бидат изборите јас ќе ве потсетам да не верувате во оние кои веќе еднаш за сè ве излажаа“, порачува тој во четириесетминутниот говор, постојано прекинуван со аплаузи.

Мицкоски напоменува дека секогаш се држел до вистината и до народот. Тврди дека дел од пратениците „предавници“ му признале оти морале да гласаат поради притисоци.

Да издржевте уште малку, ќе одевме на избори, Заев ќе паднеше, а ние ќе победевме“, уверен е Мицкоски.

Попуштивте, иако знаевте дека сите патриоти од 27 април се целосно невини!“, ја даде оценката за настанот кој е најтрауматичниот во последниве две децении.

Тој побара да нема селективна амнестија за 27 април, односно таа да не важи само за пратениците, туку за сите што се обвинети.

Некаде околу 20 часот, роденденот завршува.

Другата година да го прославиме на власт“, си посакуваат гостите. (Г.А.)

Фото: Борис Грданоски