Министерството за правда: Груевски не може вечно да и бега на правдата

На секои три години повторно се разгледува статусот на секој кој добил азил во Унгарија (супсидијарна заштита), што е предвидено според постапките за азил на Унгарската канцеларија за имиграција, велат од Министерството за правда за МИА.

Барањето за азил, како што појаснуваат оттаму,  мора да биде разгледано пред барањето за екстрадиција, затоа што не може еден административен орган за лицето да одлучи да не се враќа во одредена земја, друг административен орган да наложи враќање во таа земја. Затоа, постапката за азил претходи на постапката за екстрадиција.

Од овие причини, Република Македонија, како демократска земја ја разбира ваквата постапка. Се надеваме дека унгарските власти кога ќе го разгледаат барањето за екстрадиција и сите гаранции кои ги достави Министерството за правда и ќе увидат дека наводите во барањето за азил се лажни и дека ќе ја отповикаат одлуката што е предвидено како можност во унгарскиот закон, велат од МП.

Напоменуваат дека со Унгарија никогаш не се јавил проблем во другите постапки за екстрадиција. Од Унгарија никогаш не било одбиено барање за екстрадиција поради лошите услови во затворите или поради политичката состојба која согласно сите меѓународни оценки е стабилна, посочуват од Министерството за правда.

Против Груевски се водат четири кривични постапки пред судовите, а за него се водат и четири истраги и една предистражна постапка за кои можат да се покренат обвиненија во зависност од истрагата.

Во барањето за екстрадиција се наведени сите постапки за кои во моментот на неговото изготвување имавме сознанија дека се водат пред правосудните органи во Република Македонија. Станува збор за вкупно 10 постапки од кои едната е правосилна завршена, сите други се во тек.

Тоа е направено со цел, во случај да дојде до екстрадиција на Груевски, да се избегне начелото на специјалност (да не може да биде гонет за ништо сторено пред дозволената екстрадиција).