Менаџерите уверуваат: Рударството користи помалку штетни материи


Во рударството има многу повисоки стандарди отколку во кој и да било друг сектор и постојат механизми за контрола така што не постои опасност по животите на граѓаните и на животната средина, уверуваат првите луѓе на менаџерските тимови во најголемите рудници во земјата, собрани околу Македонската аасоцијацијата на рударство.

Велат дека се залагаат за примена на највисоките еколошки стандарди и оти контролата е имплементирана во сите постапки на добивање на дозволите за работа.

Според нив, во изминатиот период се врши хајка и тенденциозен притисок врз рударскиот сектор, а последниот Предлог-закон за измени во Законот за минерални суровини, поднесен од пратеничката Лилјана Поповска, го оценуваат како паушален и нејзина лична промоција.

Уверуваат дека во рударството се користат цијаниди и сулфурна киселина во многу помали количини отколку во некои други индустрии, како на пример фармацијата или винарската индустрија. Дури нагласуваат дека при геолошките истражувања не се користат воопшто цијаниди, сулфурна киселина или динамит како што се прикажува во јавноста со што практично не се врши никаква штета на животната средина.

Велат дека економскиот развој не може да се темели на претпоставки дека ќе се случи еколошка катастрофа и оти со самото тоа што се прикажуваат рудниците како главни загадувачи на животната средина се испраќа лоша порака и до нивните странски партнери.

Во рударството се вработени 12.600 лица, а овој сектор е еден од најголемите извозници на државата.