Македонскиот Џејмс Бонд во седлото на политиката

Во изминативе три години на повеќе од 30 проценти од нашите разузнавачи им се откриени идентитетите. Со тоа се предизвикани повеќе штетни последици, од пропаднати операции во земјава и странство, загрозени се животи и уништена е агентурната мрежа за собирање податоци“, алармираше вчера претседателот Ѓорге Иванов. Според него, Управата за безбедност и контраразузнавање е жариште на секоја политичка и безбедносна криза во државава, во неа царуваат семејните врски, а новиот закон за следење на комуникациите е само шминка што нема да ги спречи злоупотребите. Разузнавачите што ги контактиравме, пак, не се согласуваат со тврдењата на претседателот кој, според нив, со генерална оценка се обидува да ги сокрие дискретните нарачатели на прислушуваните разговори: двоецот кој десетина години ги контролира сите сфери во општеството.

Причините за долготрајниот скандал во Македонија може да се бараат како во концентрацијата на власт во рамките на УБК, така и во лошото функционирање на механизмот за надзор на Управата. Со други зборови, жариштето на секоја криза е лоцирано на едно место, а тоа се УБК и нејзиниот оддел за техничка поддршка. Од 2015 година до денес препораките на Прибе не се имплементирани. Тоа е основа да се сомневаме дека сѐ уште постои злоупотреба на системот, дека сѐ уште се монтираат случаи и дека сѐ уште надлежните институции не постапуваат во согласност со своите законски надлежности. Сѐ уште сме заложници на оние кои со години монтирале случаи и креирале докази за да докажат лаги, без да сносат никаква одговорност за тоа. Прв чекор кон помирувањето во Македонија е да се сопре и демонтира машинеријата на лаги и злоупотреби“, драматично повика претседателот.

Разузнавачите што ги консултиравме, а кои поради чувствителноста на нивната работа не можат јавно да го откријат својот идентитет, тврдат дека апсолутно неточен податок е дека е откриен идентитетот на секој трет разузнавач.

Дури и да веруваме дека е така, тогаш претседателот Иванов веднаш мора да го информира јавниот обвинител и итно да се отвори постапка за велепредавство. Тој што ги издал имињата и го открил нивниот идентитет, па макар и не сакајќи мора да лежи долги години, затоа што открил најголема државна тајна. Ако, пак, намерно го направил тоа – значи дека е шпион и соработува со домашни или странски агенции, служби и лица, Значи, Иванов треба свесно да лоцира кој, кога, како, каде и што направил, но бидејќи знае дека не е вистина, намерно генерализира и фрла анатема врз цела УБК“, тврдат нашите соговорници.

Според нив, Управата е само мисловна именка, а во неа работат луѓе, кои по нечиј налог ги извршуваат задачите.

Не можеш да речеш дека УБК прислушувала, затоа што машините не можат самите да се приклучат. Тие луѓе што ги слушаат разговорите, а потоа прават трансфер на разговорите се викаат колектори и нема шанси тие самите да им текне да прислушуваат некого, односно мора да добиле наредба или, пак, сами да побараат пристап до софтверот на мобилните оператори“, објаснуваат разузнавачите.

Тие велат дека воопшто не е спорно дека актуелната власт низ сиот период за време на „бомбите“ имаше поддршка од меѓународната заедница и затоа не веруваат оти „во опасност биле доведени операции во странство“.

Прво, Македонија има мал број разузнавачи кои, поради недостиг на финансии, најчесто своите задачи ги извршуваат оттука. Да објасниме: УБК ја чува безбедноста однатре, а Агенцијата за разузнавање, која е под ингеренции на Иванов – од надвор. Разузнавачи и тоа главно по еден, имаме само во соседството и во земјите од регионот. Кога дејствуваме надвор од нашите граници, тоа го правиме во соработка со нашите странски партнери, најчесто американската или германската служба. Зарем мислите дека тие ќе му дозволеа на Заев или на кој било друг што имаше пристап до ‘бомбите’ на кој било начин да ги расипе и нивните интереси“, прашуваат разузнавачите.

Познавачите велат дека поголема штета на агентурната мрежа е направена во процесот со лустрација кога јавно се објавени еден куп имиња на соработниците на службите. Големите држави создаваат мрежи на агенти со децении, па дури и со векови, а потребен е некој минимум од најмалку пет години да се обезбеди пристојна мрежа на соработници што ќе дејствуваат превентивно.

Претседателот Иванов е незадоволен и од новиот предлог-закон за следење на комуникациите кои, меѓудругото, предвидуваат и формирање оперативно-техничка служба која ќе ја преземе улогата на УБК.

Решенијата се наоѓаат во постојниот Закон за внатрешни работи, каде што одговорното лице уште сега може да иницира измена на внатрешните акти за да ја промени структурата на УБК и да го издвои Одделот за оперативна техника како самостојна организациска единица во составот на МВР. Научените лекции од минатото посочуваат дека отсуство на ветинг-процедури и кодекс на професионална етика во комбинација со семејни врски меѓу високите политичари и високите функционери во УБК е формула за злоупотреба на службената положба и несовесно работење. Субјектите на системот за национална безбедност и одбрана, но и дипломатијата, мора да воведат кодекс на професионална етика за превенција на конфликт на интереси меѓу персоналот и член на неговото потесно семејство со странски амбасади, странски корпорации, граѓански организации и фондации кои се приматели на странска помош. Безбедносната проверка во пракса се покажа како селективно средство за елиминација на неистомисленици и конкуренција. Неспорна е користа од полиграфското тестирање во вршење на безбедноста проверка“, смета претседателот Ѓорге Иванов.

Горан Адамовски