Македонија со добро образование само на хартија
Сè повеќе деца се вклучени во образовниот процес во земјава од претходно, меѓутоа, подобреното присуство на учениците не се одразува на резултатите од учењето. Просечните резултати кај учениците на меѓународните тестирања стагнираат последнава деценија и се меѓу најниските во регионот. Дури повеќе од 50 отсто од учениците во основните и средните училишта не ги развиваат основните компетенции што им се потребни за успешност и напредување понатаму во животот, по завршувањето на образованието. Земјава има добри планови на хартија, ама тие треба да се операционализираат – подвлече Хана Кичен од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) на презентацијата на извештајот за состојбите во основното и средното образование. На меѓународно ниво истражувањата покажуваат дека најважниот фактор за квалитетни резултати е всушност квалитетната настава што помага во обликување на знаењата на учениците и на нивните резултати. За да има подобрување на резултатите на учениците и на стандардите во наставата, потребно е да се зацврсти улогата на Државниот испитен центар, Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат и на Центарот за стручно образование и обука и да се постават цели за мерење на напредокот.

„Според меѓународните тестирања, сè уште ги нема очекуваните резултати. Нешто повеќе од 50 отсто од учениците на ПИСА-тестирањето во 2015 година не покажале основни компетенции во математика, природни науки и читање. Прегледот се фокусира врз тоа како целите за учењето, наставните резултати, училиштата и системите може да се подобрат за да се подобрат стандардите на наставата. Се дава сугестија за инструментите кои можат да се користат за веродостојно да се следи напредокот. На пример, што се случува во училниците, на државната матура и, најважно, што се случува преку развивањето на новото национално оценување на учениците. Секоја реформа треба да биде насочена кон функционирање на училишно ниво. Во извештајот се содржани препораки како може да се поддржат наставниците и учениците“, посочи Кичен.
Елспет Ериксон, заменик претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, рече дека е потребно образование што на секое дете ќе му даде најдобра шанса да го развие својот максимален потенцијал во сите фази од животот. Препораките за унапредување на образовните политики, освен на подигање на образовните резултати преку подобрување на оценувањето на учениците, се базираат и на наградување на наставниците, со што ќе им се даде поддршка и поттик за добра настава.
„Овој извештај потврдува дека еден од најитните чекори што треба да го направи земјата, кој воедно ќе даде и најмногу резултати, е да се даде приоритет на квалитетот на наставата и на компетенциите на наставниците. Наставниците што имаат мотивација и компетенции се најголем двигател на образованието. Тие може да помогнат да се намали јазот во образовните постигнувања и долгорочно да се зголеми конкурентноста на младите од земјата и можноста за вработување“, истакна Ериксон.
Од УНИЦЕФ укажаа дека има потреба да се изработат доследни стандарди за учење и во тој процес да се даде приоритет на воведувањето стандарди за учењето да се пишува и чита од прво до трето одделение. Да се усогласи оценувањето на секој ученик со националните стандарди за оценување и оценките да се користат за следење на учењето и за поддршка, а не за рангирање на децата, да се отстранат строгите временски рокови во наставниот план и наставникот да има повеќе флексибилност во приспособување на наставата на потребите на учениците. Дел од препораките ќе бидат внесени во новите закони за основно и за средно образование кои се во подготовка“, потенцираше министерот за образование и наука Арбер Адеми.
„Оваа анализа секако ќе послужи како основа за креирање на нашите политики и во насока на подобрување на образовниот систем. Ќе се преиспитуваат некои ставови на Министерството за образование и наука и на Владата во насока на подобрување на образовниот систем. Дел од она што го има во анализата е ставено во нацрт-верзијата на законот за основно образование, а за некои работи ќе ги гледаме фактите, аргументите и препораките на нашите меѓународни партнери. Резултатите на нашите ученици од ПИСА и другите оценувања, кои се направени во другите кредибилни извештаи, сериозно ги земеме предвид и тие влијаат и при креирање на политиките. Затоа предлагаме решенија за да се надминат ваквите ситуации“, рече Адеми.
Од кога ќе почне националното тестирање, Адеми не обелодени. Според него, за ова прашање ќе дискутираат не само на работилницата туку и потоа.
Вероника Мароска-Леова