Лавров: По вовлекување на Црна Гора, НАТО го забрзува пристапувањето за Македонија
Москва не гледа никакви проблеми во намерите на балканските земји да влезат во Европската унија, но тие самите, без надворешен притисок, треба да проценат колку предусловите на Унијата им одговараат на нивните национални интереси, изјави министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров.
– Не гледаме никакви проблеми тоа што балканските држави сакаат да станат членки на ЕУ. Секако, тие треба самите, без надворешен притисок, да проценат колку предложените предуслови за пристапување на ЕУ им одговараат на нивните национални интереси. Секако, аспирациите на балканските држави за евроинтеграциите не треба да претставуваат препрека за нивната соработка со нашата земја. Доколку постои желба, секогаш може да се пронајде взаемно прифатлив формат за соработка, изјави Лавров во интервју за бугарското списание „Меѓународни односи“.
Лавров потсети дека НАТО е опседнат со идејата „развој“ на Балканот, што доведува до зајакнување на линијата на раздвојување на европскиот континент.
– По вовлекување на Црна Гора, не разгледувајќи го мислењето на народот, НАТО ги засилува напорите за забрзување на процесот на пристапување на Македонија, а има слични планови и со БиХ. Со тоа се јакнат линиите на раздвојување на европскиот континент и слабее архитектурата на европската безбедност. Тешко дека тоа одговара на интересите на народот на Европа. Притоа, Алијансата не можеше да даде одговор на главниот предизвик на денешницата-меѓународниот тероризам, нагласи Лавров.
Според него, дошло до забележливо интензивирање на напорите насочени на подривање повеќевековните врски меѓу Русија и државите од регионот.