Крај на дипломатската криза – Франција и Иран разменуваат амбасадори
Франција и Иран ќе разменат амбасадори по неколкумесечната дипломатска криза.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Бахри Гасеми е назначен за амбасадор на Иран во Париз, соопштија иранските власти.
Во службениот весник на Франција денеска беше објавен указ за назначување на Филип Тиебо за „вонреден и ополномоштен амбасадор на Франција во Исламската Република Иран”.
Односите меѓу Франција и Иран се затегнаа летото минатата година и повеќе од шест месец немаше француски амбасадор во Техеран и ирански – во Париз.
Кризата беше поврзана со неколку различни случаи.
На крајот на јуни, во близина на Париз, беше спречен терористички напад со експлозив против конференцијата организирана од народниот муџахедин на Иран.
Франција изјави дека организатор на нападот е иранското Министерство за разузнавање. Техеран ги отфрли овие тврдења и за возврат го обвини Париз дека им обезбедува азил на Муџахедините на иранскиот народ, кои иранските власти ги сметаат за терористичка организација.
Односите меѓу двете држави се влошија и поради барањето на Франција, Иран да се откаже од балистичката програма и критиките на Техеран кон Париз во врска со продажбата на големи количества француско оружје на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
Инаку, Франција е една од трите држави (заедно со Германија и Велика Британија), кои се обидуваат да го спасат нуклеарниот договор со Иран од 2015 година по едностраното повлекување на САД од него во мај минатата година.