Кирацовски: ВМРО-ДПМНЕ свесно го блокира изборот на ДИК

Генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ свесно и намерно го блокира изборот на Државната изборна комисија, со што го доведува во прашање одржувањето на референдум за македонската иднина.

„Имаме обврска да обезбедиме граѓаните да го кажат последниот збор. Во таа насока, пратениците на СДСМ и коалицијата ќе го поддржат законоското решение Државната изборна комисија да се избира со апсолутно монзиство. Бројните анализи и мислења на Венецијанската комисија посочуваат на потребата, избор или именување на членови на некое тело или носители на функции со квалификувано мнозинство, не смее да се претвори во контрапродуктивен инструмент за блокирање на процесите. Земајќи ја предвид важноста на моментот за иднината на државата и граѓаните и деструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ, потребата од вакви измени е нужна“, рече Кирацовски.

Според Кирацовски ВМРО-ДПМНЕ една деценија зборува за референдум и сега кога треба да се одржи се обидува референдум да нема.

„ВМРО ДПМНЕ се плаши од гласот на граѓаните, се плаши од нивната јасно изразена волја. ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски треба да покажат дали им се важни потребите на граѓаните, дали им се важни државните интереси, дали се за членството во НАТО и ЕУ. Македонија нема да биде заложник на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ. Македонија забрзано чекори напред кон полноправно членство во НАТО и ЕУ. Граѓаните ќе го имаат последниот збор, на референдум, да одберат каква иднина сакаат“, додаде Кирацовски.