Квик: Договорот од Преспа нема да биде загрозен во грчкиот парламент

Македонскиот заменик-министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, се сретна денеска со заменикот министер во грчкото МНР  Теренс Спенсер Николаос Квик, на маргините на самит на ОБСЕ во Малага, Шпанија.

На средбата, која, како што соопштија од кабинетот на Жерновски, поминала во пријателска и срдечна атмосфера, се разменети мислења за актуелните настани во двете соседни држави. Квик, кој е член на партијата на Панос Каменос, Независни грци – коалициски партнер на Сириза, истакна дека договорот од Преспа нема да биде загрозен кога ќе дојде на разгледување во грчкиот парламент

„Сметам дека, по одобрувањето кај вас, кога ќе дојде пред грчкиот парламент ќе помине веднаш”, изјавил Квик на средбата.

Двајцата соговорници се согласиле дека довербата и пријателството меѓу двете страни се продлабочуваат. Беше потенцирано дека со конечниот договор за решавањето на прашањето за името се става крај на разликите кои ги отежнуваа пријателските односи меѓу соседите. Жерновски истакна дека ни треба соочување и решавање на проблемите, разум и храброст за чекорење напред, но и заедничка работа за практикување на европски вредности, добрососедство, мирен регион, стабилност и безбедност. Информираше за големиот исчекор на пратениците во Собранието на Македонија, каде што се отвори постапката за уставни измени со цел да се реализира договорот од Преспа. На крајот од средбата, соговорниците изразиле надеж дека целокупниот процес, предвиден со договорот, ќе заврши успешно и во двете држави и дека наредната етапа ќе биде соработката во НАТО како две земји сојузници, кои исто така седат на зедничка маса во институциите на Европската унија, обединети околу европските вредности и придобивки.